Читајќи ја најновата вест за студентското радио, не можев а да не се потсетам на времето кога и јас бев студент, и кога со група на студенти за прв пат го кренавме гласот против неправдата, која грубо, во глобални рамки, е наречена „комерцијализација на образованието“. Комерцијализација на образованието во најгруби црти може да се дефинира како: создавање на квантитет на неквалитетно високо образовани луѓе, од образовни институции кои пред се ги интересира профит и трка по пари наспроти создавање на човечки ресурси кои ќе дадат одговор на општествените прашања и проблеми. На кратко кажано, какво образование таков свет/држава/општество. Со таквата комерцијализација на образованието во Македонија не е ни чудно што македонскиот образовен систем одамна нема дадено интелектуалец или научник кој ќе даде одговор на било кој од општествените проблеми (било да е тоа јавен транспорт, здравствен систем, студентски стандард, уметност, мир во светот.....ја сфаќате идејата).
За жал од мојата последна вклученост во студентскиот активизам поминаа неколку години, но на прашањето „зошто се младите пасивни“ можам да го изјавам истот што го кажав и тогаш: - „Слабото познавање на своите политички и институционални права, како и отсуство на партиципативна политичка култура, ги прави младите луѓе да се апатични и да не се борат за она што го заслужуваат. Постојаната комерцијализација на образованието уште повеќе придонесува за тоа. Наместо да креира млади критички умови и да воспоставува нови свежи идеи, образованието креира и има дава предност на конзервативните вредности и патримонијалната политичка култура каде секогаш се чека на другиот да ги реши проблемите, и тоа по пат на апсолутен конформизам. Само со конформизам може да се постигне некаков успех.
За жал, овие негативни вредности се станати дел од еден систем, кој многу ретко или воопшто не се преиспитува. И кога некој млад човек ќе се дрзне да го преиспита, тогаш големи се шансите да биде загрозено некое негово право: било тоа губење на работно место, губење на место во студентски дом итн, итн. Тука и институциите на системот многу потфрлаат и не ги штитат нашите права.
А од друга страна, естаблишментот, постојано ги крати младинските права, се влошуваат работните услови и работничките права, им се укинуваат медиумите, јавното здравство се руинира a младите се делат на база на ПАРТИСКА или етничка припадност со помош на што им се одвлекува вниманието од нивниот социјален стандард и животните услови. Така младите стануваат сомничави кон секоја група која е наводно различна од нивната, и иако делат ист социјален статус, не се солидаризираат со нивната генерација и нивните проблеми“.
Има луѓе што си го штитат системот - им одговара. Покрај тоа што тој е премногу конзервативен и цврсто се спротивставува на било какви промени, знае да биде и агресивен кон сите оние кои ќе се обидат да променат барем дел од неговите сегменти. Тоа е примерот со Димче Апасиев и уште ред други слични случаи. Ако некоја индивидуа се обиде да го промени, и не ги почитува неговите правилата, тогаш многу бргу ќе биде изгазен од истиот. Системот ги форсира конформистите, силеџиите и маалските фраери, односно, сите оние кои добро ги воочиле неговите правила им се покоруваат. Мислам, видете го „Медо“. Наместо да се фокусира на социјалниот стандард и квалитетот на образованието на неговите студенти колеги, тој се занимава со сечење на црвени ленти и костуми, на придобивка, студентско радио, што е срамота да се каже дека како студенти успеавме да ја оствариме во 21 век.
И не е само Медо. Неговиот претходник се обидуваше да ја зајакне македонската национална свест кај младата популација, а пак тој пред него организираше настан наречен „Студентите пеат“.
Но, пак кон системот. Негова најголема одлика е конформизмот. Мора да се конформираш за да добиеш нешто во нашето општество, било да е тоа работа која ќе ти обезбеди егзистенција тебе или на твоето семејство, било да е тоа да ја задржиш својата „општествена функција“ за која многу добро знаеш дека си ја заработил, итн. Инаку, неговите вредности длабоко е втемелен во образованието (пред се високото). Типичен пример е уредникот на студентското радио. Иако таа е само една од многуте, таа е: тренерот, уредникот, судијата и најбитно од се, нашиот иден универзитетски професор! Патем таа беше една од одговорните кога се донесе решението за комерцијализација на ораторските вечери и кога наместо слободни говори се читаа веќе однапред дадени, глупави говори. Плус, беше една од најголемите конформисти работејќи во комисијата на ораторските вечери години наназад. Испаѓа дека таа е само еден голем запчаник во системот. Што мислите, зошто ја ставаат за одговорен уредник – затоа што е послушна!
Подобрување на образованието
Ако студентите сакаат да ги подобрат своите услови (социјални и образовни) тогаш ќе мора да се сконцентрираат на неколку главни точки.
Во поглед на квалитетот на образованието:
1. Подобрување на квалитетот на високото образование и построго регулирање на приватните универзитети, кои се главни двигатели на комерцијализацијата.
2. Подобрување на условите за настава и барање на одговорност од професорите.
3. Враќање на универзитетот на студентите, тоа значи: одземање на просториите кои се користат за комерцијални цели и „кирија“ за факултетот и нивно пренаменување во достапни простории во секое време за организирање настани, дебати, и создавање на атмосфера за формирање на младински клубови каде ќе можат да се зајакнуваа студентските организации и идеи (од било какво вид).
4. Отворање на поширока дебата за функционалноста или имплементацијата на ЕКТС.
5. Можност за отворање на мејнстрим медиумите кон студентите, каде тие ќе можат да зборуваат, пишуваат, дебатираат за актуелните проблеми. Тоа значи поголема студентска партиципативност во менаџирањето/уредувањето на студентското радио; повторно активирање на студентскиот весник; добивање на дел од програмата на македонската радио телевизија - без разлика на тоа колку е таа одвратна. Студентите треба да имаат правно на пристап до јавниот сервис. Ако сега МТВ е лошо менаџирана, тогаш ќе чекаме да се смени времето и да дојде некој генерација што ќе може добро да си ја уредува своја програма. До тогаш оваа политика треба да стане дел од образовниот систем.
6. Можност за отворање и размена на студенти со разни други универзитети од цел свет.
7. Демократизирање на „студентскиот парламент“
8. По секоја цена избегнување на настани како „студентски спортски игри“ и „студентски журки во Би2“ затоа што преку вашето присуство на таквите настани се легитимира системот и неговите претставници.
Во поглед на подобрување на социјалниот стандард:
1. Укинување, или на краток рок драстично намалување на партиципацијата (повторно, без импровизација и популистички мерки).
2. Подобрување на условите во студентските домови, и не само импровизирање за подобрување, туку вистинско подобрување/реновирање на студентските домови или градење на нови.
3. Бесплатен јавен превоз.
4. Бесплатно здравство.
5. Зголемување на бројот на стипендии и кредити.
И немој да мислите дека за тоа нема пари. Ако има пари за акции како „зајакнување на македонската национална свест кај младата популација“, „факултет во секој град“ и еден куп споменици, тогаш има пари и за подобрување на социјалниот стандард за студентите.
Кон студентите
И повторно кон студентите, Чомски вели: „најголемите придобивки на денешната цивилизација се издвоени од политички активисти и движења, кои свои акции ги насочуваа директно против криминалот на државата“. Па така драги мои, не ни преостанува ништо друго освен да ги засукаме ракавите и нашата енергија да ја носочиме директно против криминалот на државата. Само така ќе можеме да се избориме на нашето право на квалитетно високо образование.
Вака звучи дека патот е долг, но не се плашиме, нели?
Поздрав другари!
No comments:
Post a Comment