Wednesday, April 17, 2013

Државен, приватен број




Три попладне. Ѕвони телефонот. Приватен број.


– Да. 
-Ало Васил? 
– Да, повелете. 
– Овде Родољуб, од внатрешни. Полиција. 
Неколку секунди збунувачка пауза. 
– Да повелете 
– Е добро де, што заќути. Те бараме за овај, Осама, од Сирија. 
– Добро. 
– Ти го покани?
– Да јас, колега од факултетот во Германија.

– Добро бе Васил, зошто во поканата за амбасадата не остави број на телефон? Адресата на поканата ти е грешна. Знаеш колку време те бараме? Една недела ни седи факсот овде во канцеларија. 

- Ама видете, за адресата не сум јас крив. Крива е општината. Неколку пати се обидов да го сменам името на улицата во личната карта. Таа што е пишана таму е 35 години стара адреса, и секогаш кога вадам нова лична карта, општинските работници ми велат дека тоа треба со посебна дозвола. Треба да барам некое одобрение од Општината, па потоа да го поднесам во внатрешни. Тие го сменаа името на улицата, тие ми бараат доказ дека името на улицата е сменето. А, на нотар ми кажаа да пишувам точно така како што е напишано во личната карта.


– Па зошто тогаш не ја напиша новата адреса? Ние ти пративме покана и пробавме да те најдеме. Оваа адреса не однесе на спротивната страна на градот од местотот каде живееш. Како те наоѓаат поштарите тогаш?“
– Па не знам како ме наоѓаат поштарите, веројатно ги знаат старите адреси, а и тоа е друго. На писмата го пишувам новото име на улицата. Обичните писма немаат иста тежина со официјален документ како овој. И пак ќе ви кажам, не сум јас крив за адресата во личната карта. Во внатрешни така ми ја пишаа. А на нотарот ми рекоа „Онака како што пишува во личната карта“. 
– Па што не пиша број на телефон?
– На нотар така ми рекоа, така и напишав... 
–Без разлика. Требаше да напишеш број на телефон. За да ти го најдеме бројот се јавивме во Скопје. Од таму ни го дадоа. А од каде го знаат твојот број? 
– Па не знам. И мене ме чуди. Полиција....

– Добро, ајде, кажи нешто за овај. Да не е некој радикален? 
– Радикален?! Па не, тој е најблагата личност што ја познавам. Јас сум порадикален од него. 
– Ти си порадикален, а? Од каде се знаете?
– Па студиравме заедно на универезитетот во Фленсбург. Европски студии. 
– А што е тоа Европски студии? 
– Како мислите (?), тоа се магистерски студии... 
– Не, не, што точно учите таму? 
– Па не знам како да ви кажам. Интердисиплинарни се студиите: право, политика... 
– Аха, значи политика! Па така кажи бе Васил. Политика! Ова Европски студии може да значи и европска медицина. Се може да значи! И што бара сега тој тука? 
– Одам да ја одбранам магистерската, па рековме да се вратиме заедно. Другар ми е, па да му покажам од каде потекнувам, каде живеам. Осама патува многу често. Се надевам дека некогаш и јас ќе имам прилика да ја посетам Сирија...
– Кажи ми, тој во Сирија има завршено факултет па после заминал во Германија? Како стигнал до таму? 
– Па не знам. Бил добар студент. Сега ќе запише и докторски....

Телефонската врска се прекина. По неколку секунди ми се јавува пак. Private number.

– Да. 
– Добро Васил. Кажи ми сега, кога одиш за Германија? 
– Сега, на 21ви, во недела,  а се враќам на 25ти. 
– А зошто овде пишува дека тој ќе дојде на 20ти? 
– Не видете, го пишав тоа на гарантното писмо, за амбасадата, за да може тој побрзо да добие виза и да ја планира картата. Знаете, патувањето со авион е скапо. Колку подолго време имате да резервирате, толку поефтино може да поминете. Пишав во периодот од еден месец. Тоа како период, од прилика. Сега, колку побрзо вие му дадете виза, толку побрзо ќе може да дојде. 
– Аха значи тоа сега би било после 1ви мај? 
– Па веројатно. Ќе треба да си ги разгледа опциите.

– А зошто не го викна за Велигден? 
– Молам?.. Зошто? 
– Па знаеш дека во Сирија има и многу христијани, не се сите муслимани. 
– Па да, знам... 
– Значи ти Васил гарантираш за него? Гарантираш дека не е некој радикален муслиман? 
– Да! Осама е мој другар кој исто така има работено на хуманитарни мисии за Обединетите Нации. Ако и тоа нешто ви значи? 
– Значи Васил, значи. Се' си значи„...(Се слуша неговото пенкало. Си запишува некаде.) 
- А што има работено? 
– Со бегалци. Има една посебна агенција на Обединетите Нации УНХЦР. 
– Што значи тоа?
– Па тоа е кратенка за United Nation Refugee нешто..... 
– Аха, добро. Англиски. Еее пак титка телефонот. Ќе се исклучи. 
– Добро, само да ве прашам, тоа е тоа?... Да не треба да доаѓам за таму?... Што ќе се случи, може да ми кажете?..Aло?!...Телефонот се исклучи. Државниот, приватниот број не се јави повеќе. 

(Разговорот е вистински, имињата се измислени за да нема опструкции од Големиот брат при добивање на визата)


No comments:

Post a Comment