Краток трилер.
Се будам сабајле, беше некаде околу 11. Тогаш прв пат
осетив. Како некоја истегната жила, или подобро - мала жица на пенисот, веднаш
под главата. Реков, не е ништо страшно. Се појави брзо, брзо ќе си
замине. Ќе одморам некој ден, ќе помине. Времето одминува, жилата стои. Се
направи веќе недела и пол, реков ќе проверам на интернет. Знам дека таму има се
и сешто, и секогаш ко за беља ја наоѓаш најлошата опција. Секогаш, најлошата болест.
И знам, ако најдам лоша информација ќе испаничам и мислите ќе ми се обземат со болести.
Не можам тоа да си го дозволам. Не сега кога треба да работам, за да работам*.
Ми треба концентрација, не прокастринација. Арно ама, дури си го велама ова,
прстите си куцаат на гугл… “Penile forskin problems” чааак ентер! Ништо. Ништо
од описот и сликите не одговараше на мојот проблем. Реков, кога веќе тргнав,
одам до крај.
Куцам: “Problems with the soft tissue of the penis”, “Penis swelling”, “Foreskin problems”, “Lump on penis”. Повторно ништо задоволително. Излегуваат еден куп болести, страници и страници со совети за здравјето на мажите, но никако правата инфомација или барем една слика со мојот проблем. Се додека не изгуглав “Penile cancer”, и наидов на страна на која нема слики, само наративен опис и дефиниција која вели: “The skin may change color, become thicker, or tissue may build up in one area. Some men may notice an ulcer (sore) or a lump on the penis. These are most likely to be found on the glans (the head of the penis) or foreskin, but may also develop on the shaft. The sore or lump is not usually painful, but it can be in some cases”.
Тогаш беше најстрашниот дел. Веднаш ја
исклучив страната. Оваа инфомација не ми требаше! Се вратив да работам. Но
мислата не ме оставаат на раат. Дали е можно да имам рак!? Почнаа да ми се вртат
прашања во глава - што вели статистиката?! Колкав е број на мажи кои умираат од
рак на пенисот?! Дали сум и јас еден од тие мажи?! Јас, еден од нив?! Еден од нив! Морам итно на
доктор!
Денес е петок вечер. За викенд не работи никој! Дури и да
работи, немам матичен доктор, немам упат да одам на специјалист, немам
картони....немам време! Утре ќе се јавам, ќе прашам! Имам роднина на клинички
центар. Ќе се јавам да средам, морам да одам на уролог. Морам да се проверам!
Морам! Како ќе чекам до утре! Како ќе спијам вечер!? За среќа, во торбата за
лаптоп ми остана некој Лексилиум од времето кога.....не е битно. Се напив и по
некое време заспав.
Дојде време. Утрото, како и секој невработен и
на апчиња, се разбудив доцна. Веднаш првата реакција, се фатив за телефон. Морам да признаам дека ми беше страв дека ќе ме прашува
и за најмали детаљи: што ти е, како ти е, зошто ти е итн, итн, итн. Но не ме
праша ништо, освен едно општо дали сум добар. „Да проверам и ќе ти се јавам за
брзо“ ми рече. И така беше, ми се јави за една минута. „Ако немаш упaт, и ако
не ти е за итно, ќе можеш да одиш денес во 7? Може така или сакаш да пробам за
побрзо?“. - „Нема проблем“ реков. „Седум и мене ми одговара. Фала многу.“ Го
погледнав часовникот – 12.35. Ќе продолжам да работам.
Чаптер 2.
Дојде 6.30. Почнав да се облекувам. Се облеков и тргнав.
Целиот збунет стигам до клиничкиот центар. Точно 7 часот. Веќе е темно, и во
болницата има само итни случаи и некои посетители. На портирница , портирот,
човек што го знам па страмежливо го прашувам – „Урологија на кој спрат е?“ - „На
втори, право“ ми вели. И тргнав по скалите. На втори спрат право, пишува УРОЛОГИЈА.
Во ходникот седнати тројца старци и разговараат. Едниот од нив беше во пижами,
а другите двајца во секојдневна облека. -
„Се извинувам, да не чекате ред за тука?“ реков. - „Не, не, ние сме во посета“
рекоа. Продолжив да пешачам споро и со страв. Како да одам на гилотина. Или ќе
ја чујам најстрашната вест на светот, или.... Стигнав до просторијата во која
се вршат прегледите и тропнав. Од неа излезе една средовечна жена, медицинска
сестра. - „Повелете“ учтливо рече. - „Добар ден, јас сум оној за кој се јавија
попладнево и ме најавија, но без упaт... во понеделник ќе донесам. Дали ќе може
сега само за преглед. Ми се појави нешто...“, пред да кажам што, ме прекина и
ми рече - „Нема проблем, влези внатре, сега ќе дојде докторот“. - „Благодарам“
реков, и влегов.
За неколку секунди се појави и докторот. Средновечен маж
со седа коса. Ме погледна - „Здраво“, - „Здраво“ реков. „Јас сум тој, за кој се
јави попладнево... Немам матичен доктор тука, затоа што бев на студии во
странство па немав прилика да одам и да најдам. Но, ми излезе нешто на пенисот
и да ви кажам искрено ме плаши...“. Докторот, како и секој добар доктор веднаш
запримети дека сум уплашен и напнат па ме праша: - „А што правеше во
странство?“. - „Студирав“ реков. - „А што студираше?“. - Европски студии“. - „И
сега, има нешто работа? Што можиш да работиш со тоа?“. - „Ништо. Еве веќе една
година барам работа и никако да најдам. Во основа можам да работам за невладин
сектор, администрација, истражувачки центри, да пишувам проекти и да земам пари
од фондовите на ЕУ. Замислено е така, и државата да зема пари, и јас да живеам
од нешто“. - „Абе дечко, образован си ти, се гледа. Ама што да ти кажам. Овде
знаеш како е. Добро, каков проблем имаш?“. - „Ми се појави нешто на пенисот. Како
некој жица... Прв пат ја почувствувам пред недела и пол. Мислев ќе ја снема,
ама уште е тука и некако ме плаши“. - „Добро, ај соблечи се да видам. Палтото
можеш да го оставиш на столот. Соблечи се и легни на креветот“.
Се соблеков и легнав. Докторот стави нараквица, зеде едно плаво
крпче во раката и ме праша - „Каде точно?„ - „Тука“ реков и покажав со прстот
веднаш под главата. Го фрли крпчето и почна да го притиска
местото каде покажав. - „Аха, од кога е вака?“ рече. - „Од пред недела и пол,
максимум две. Мислев дека ќе го снема....“. - „Добро, добро“ и продожи да
притиска. – „Не е ова пред недела, две. Ти тогаш си го заприметил“. Срцето ми
застана. Во тој момент, експресиите на неговото лице ми беа најважното нешто
на светот. Се обидував да прочитам нешто, нешто да сфатам. Ќе се остварат мрачните
сценаријата на долги сесии со кемотерапија, радијација, операции?! Ќе скапам ли
по болници или ќе си одам дома?! Ништо! Неговото лице не кажува нешто! Милиони
мисли низ глава...
И тогаш докторот: – „Си го оштетил. Лузна е ова. Физичка
повреда. Не ти се искриви?“ ладно ме праша.
- „Молам??? Не.“ реков збунето. - „Не а? Епа ништо. Колку
што гледам, се е добро. Физичка повреда. Ова што ти го викаш жица е уствари
лузна. Ако почне да ти се искривува ќе дојдеш и со мал пресек ќе ја извадиме.
Вака ти пречи?“. - „Не“ реков. „Немам никаква болка, ниту проблеми со фукционирањето,
само ме плаши кога ќе осетам дека имам нешто..“. - „Не е страшно. Тоа може со
тек на време да го снема. Ако не го снема, и ако ти пречи или ти се искриви
пенисот ќе дојдеш и со еден мал пресек ќе го извадиме. Облечи се, сега ќе ти покажам.
Ти си образован човек“ и почна да црта на еден бел лист. „Ова е пресек на
пенис. Пенисот има три канали, двата од нив се за крвоток, од тука се добива
ерекција. Ова овде е мочен канал. Она што тебе ти се случи е оштетување на....“
и продолжи да црта и објаснува со некој стручни термини. Нејсе, го слушав и бев
пресреќен. Мислев дека имам рак, а јас само го пукнав.
Хепи енд.
Хепи енд.
*#Муеври, месец посветен на машкото здравје.
*Да работиш, за да работиш - е прекаријатски, неплатен труд кој го вложуваш во пишување на проекти и апликации со надеж дека некоја од нив ќе упали и ќе работиш за да имаш доволно пари да преживееш два до три месеци со платени сметки за кирија, вода, струја...и толку. После повторно, долг период работиш за да работиш...Да не ја тупам, народски и со еден збор кажано - стрес!
*#МашкоЗдравје #Пенис #Урологија #СексуалноОбразование
#Здравство #Доктори #Преглед
No comments:
Post a Comment