Friday, April 27, 2012

ДЕМОКРАТСКА ЛЕКЦИЈА - МЕРКЕЛ ВО ФЛЕНСБУРГ

Вчера, канцеларката Ангела Меркел беше во посета на Фленсбург. Беше во посета затоа што во Германија наскоро ќе има регионални избори. Фленсбург е малку поголем град од Битола а на централниот плоштад, по слободна проценка, едвај 1.000 луѓе. Да биде ситуацијата поинтересна, скоро 50% од нив или беа ‘против’ Меркел или љубопитни студенти како мене.

Поддржувачите, или останатите 50%, седеа на дрвени клупички на центарот од плоштадот - како достоинствени луѓе. За среќа немаше автобуси со на сила наполнети „фанови“ на лидерот. Немаше ни од: нападните партиски знамиња и симболи на „првите линии“, ниту луѓе со маици преплавени со емоции, ниту прегласни звукови во форма на партиски химни или народни револуционерни песни. Замислете, ниту сообраќајот во градот не беше блокиран. Јас комплетно збунет. Ама ми текна, во градот живеат и работат ЛУЃЕ!

На бината само таа, министерот за образование и економија (затоа што потекнува од овој регион) и регионалниот кандидат. Плус во ќошот еден телохранител и еден технички помошник за бината (ама не е тоа важно). Во публика само заинтересирани граѓани. На никого не му зависи животниот опстанок од тоа дали ќе присуствува и колку ќе бидеш гласен на митинг. Нејсе, митингот траеше, по слободна проценка, не повеќе од 1 час и 15 мин. Од тоа веднаш ми беше јасно дека „ЦДУ“ не размислува да премине во „движење“.

Како Македонче, она што ме фасцинира беа луѓето кои беа против и отворено ја исвиркуваа и ја „бууу-каа“ кога Меркел-ка ќе кажеше нешто со што не се согласуваат. Дел од нив беа од добро организираните „зелени“ кои носеа креативни чадори против нуклераната енергија. Дел од нив беа студенти кои не се согласуваат со политиките на министерот за образование кој скрати дел од буџетот наменет за универзитетот во Фленсбург. Имаше еден транспарент од типот: „се е лага“, друг: “Сирија заслужува повеќе внимание“ и имаше една гласна старица која од публика цело време и дофрлуваше на Меркел нешто за зголемување на социјалната помош. Меркел во еден момент им се обрати на „зелените“ во публиката велеќи дека Германија постепено ќе се ослободува од користењето на нуклеарна енергија затоа што економијата е сеуште зависна...(да не харикирам). На крајот и дадоа шест пива „Flensburger Gold“ како симбол на градот, слезе од бина, во кола и си замина. Тоа е тоа, дојде, одржа говор, си замина. И сето ова во една толерантна, пријатна и демократска атмосфера. Ех таа Германија.

Имав и шанса да се ракувам со канцеларката. Со лева рака до душа, ама нејсе. Плус воспоставив и ‘ај контакт’, ама ај сега да не се фалам :) Пред почетокот на митингот, направена мала патека за Меркел да може да се пробие до бината. Патеката беше одбележана со долку траки и да ви кажам искрено немаше некој посебен интерес од луѓето да се приближат и да се поздрават со најмоќната жена во светов. Со неколку колеги од факс си застанавме и фино, лепо, си се поздравивме. Да е жив и здрав Борјан, ми направи убава фотка. Ете, толку. Во меѓу време мене мозоков сеуште ми прави паралели со Македонија. Мојата вечна дилема, како може во Македонија да не живеат луѓе?

Monday, April 16, 2012

НАЦИОНАЛИЗАМ ИЛИ ДЕМОКРАТИЈА

Ви пренесувам само еден мал дел од книгата „НАЦИОНАЛИЗАМ ИЛИ ДЕМОКРАТИЈА“ од еден од моите омилени филозофи – Милан Кангрга. За жал не можам да ја преведам цела, поради недостаток на време, но се надевам дека сеуште може да се купи низ книжарниците во Белград. Издадена е во 2002 година од “Izdavacka Knizarnica Zorana Stojanovica : Novi Sad”. За оние кои се заинтересирани.

Милан Кангрга предаваше етика на филизофскиот универзитет во Загреб а има докторирано на Хајделберг. Исто така беше дел од дисидентската група „Praxis”. За жал почина во 2008 година.
Од мое лично искуство, студирајќи во Германија, можам да потврдам дека тој е еден од најценетите филозофи од Балканот. Од сета литература што ja имам прочитано на темата национализам, оваа книга, според мене, ја нуди најдлабоката филозофска хуманистичка критика на национализмот како идеологија на владеење на Балканот. Како голем критичар на националистичките политики на Туџман и она што се случуваше во 90те години во Хрватска, лесно е човек да направи паралела со македонското општество и она што се случува денес.

.........

Германскиот филозоф Хегел го споменува примерот во кој Сфингата, како симбол на загатката, му го поставува на Едип следново прашање: што е тоа што наутро оди на четири нозе, попладне на две а навечер на три? Едип од прва одговара – тоа е човек! Хегел во тој одговор го гледа почетокот на европскиот дух. Веројатно ќе се запрашате за што точно се работи и зошто Хегел сака да ја нагласи оваа квалификација? Накратко е токму ова: историскиот продор на ова битно и ново (Хегел го вика: европско) во Едиповиот одговор, по што Сфингата се струполува во бездна, е тоа што Едип го даде одговорот на најбитното прашање на човековиот живот. Тоа лежи во тоа што Едип пред неколку илјади години сеуште вистински – со оглед на „историската незрелост“ - не требало да го даде тој одговор. Би било далеку попримерно ако би одговорил: тоа е Атињанин или Спартанец; дури и поимот Грк во тоа време би бил премногу општ и пред времето; а замислете, Едип одговара – Човек! Таквото длабоко „пречекорување“ на своите тесно-етнички, поточно родовско-племенски врски е граница и посебна ограниченост на свеста. Едиповиот одговор значеше едно целосно, антиципаторско движење што требаше да ја означи, како што вели Хегел, иднината на европската историја се до денешен ден!
................
Национализам е инстистирање на (национална) посебност, но – тоа треба овде да се нагласи - против општото, како што е човековата универзалност. Така националистичката свест е битно усмерена само кон она што е свое (овде треба да се нагласи: чисто во-родено, родовско и племенско како саможиво и во себе затворено и спротивно на се друго и поинакво. Тоа „друго“ и „поинакво“ не се признава и се зема за помалку вредно или безвредно, како „туѓо тело“ во она што е „само наше“. Така национализмот се покажува и потврдува како – радикално зло!
.............
...национализмот не е, и не може да биде основа на политиката, ниту како политичка категорија, ниту како политичка програма!
Само во тоталитарни системи и режими со авторитарни структури, нацијата и националното се претвораат во политичка платформа, како што беше во нацистича хитлеровска Германија, фашистичка Италија на Мусолини или Франција и Шпанија. Истото е и тука кај нас, во туџманова Хрватска и Србија на Милошевиќ.
...........
Национализмот не е само антипод, туку е битен противник и најлош непријател на демократијата: нема националистичка демократија или демократски национализам.
Национализмот значително се темели, со оглед на својата природа, на најдлабокото и најконсеквентното на апстрактниот, племенски колективитет, кој не само да прераснува, туку е втемелен на деспотизмот, етатизмот, тоталитаризмот, нацизмот и тиранијата од сите врсти и облици.
.............
Со тоа доаѓаме и до современото поимање и пракса на модерната граѓанска демократија, која најдлабоко му се спротиставува на национализмот со тоа што се темели на плурализамот, поединецот и граѓанинот. И тоа поимот граѓанин не како bourgeoisa (како приватно, исклучиво на своите приватни интереси, саможиво суштество), туку на citoyen, како политичко суштество кое се потврдува на општо друштвен план и воедно се бори за општо друштвена потреба на својата посебност и единечност. Во националистичката идеологија суверенот е (како во феудализмот, да не се навраќаме на минатото!) храватски: владетел, лидер, поглавар, водач (како индијански поглавица што го гледаме по филмови), а во демократија суверен е граѓанинот како поединец. Тој поединец ги бира на слободни избори своите преставници во парламентот во кој се расправа за битно општодруштвени, но и за сите останати посебни и поединечни интереси за заедничкиот живот во државата. Со тоа, тој граѓанин постанува правно еднаков државјанин.

Sunday, March 25, 2012

Фимските супер херои и политичката теорија

Стриповите не сум ги читал па одам по филмовите. Ги гледав сите и еве шо мислам.

Superman:



Силна индивидуа, средна класа, новинар, работник, хипстер. Високо образован, не е арогантен или вообразен, си работи поштена работа и покрај тоа што со неговите супер моќи може да има се. Значи трудољубив, амбициозен дечко. Иако посвоен и доаѓа од мало гратче / селце има амбиција да стане новинар во големиот град. Скромен и невротичар, Кларк Кент покрај тоа што поседува супер моќи, не сака да се истакнува затоа што е несигурен и постојано се преиспитува. Од гачети би користел смартфон (андроид се разбира), Киндл и фотоапарат. Сака да носи црвено знаме на грбот шо би го направил да е некој прогресивен левичар - про ЕУ, ради плавата боја. Clark Kent is the man!




Batman:



Аристократ, билионер во едно корумпирано општество. Од оние шо се „истурат“ од работа за да имаат пари. Како што Жижек вика за Сорос, преку ноќ со левата рака оправа она што уништил со десната преку ден. Дисциплиниран плејбој кој живее во палата има слуги и користи скапи играчки / гачети додека во неговиот град владее мизерија. Бетмен не го гледа проблемот во системот, туку како и секој билионер, го гледа во ‘лошиот’ нарав и мрзеливоста на луѓето. Помага во апсење на криминалците но го остава системот во истата ситуација што ги создаде тие криминалци. Црнокошуљаш, во политичка теорија би бил фашист. Шо би се рекло, Брус Вејн е дел од проблемот.


Wolverine:



Ти е обичен работник. Море пролетер. Како прав анархист на почетокот живее сам, па оди во заедница на сквотинг. Мрази држава, пошто е експоататорска и експериментира со луѓето. Ама добар дечко, пожртвуван. Секогаш би се ставил на страната на послабите. Веројатно завршил само средно и израснал на улица. Уличната интелегенција го прави силен и самоуверен. Не користи гачети, тоа за него е ко факултет, ама зато кола да ти попраи, сијалица да смени или било шо низ дома....цар. Како прав анархист, нема карактеристични симболи и бои.





Capitan America:



Завршил средно и се пријавил во војска. Неговата љубов кон нацијата е повеќе од видлива. За разлика од Вулверин, Капетан Америка секогаш би се ставил на страна на помоќните. Ја подржува сопствената нација без разлика дали е во право или не, и дозволува да се вршат испитувања врз него се цел да стекне супер моќи за да ја брани нацијата. Неговите симболи, боите на Американското знаме и една петокрака од знамето на неговиот штит.Тој би дошол како еден од овие нашите фудбалски навијачи, облечени во црвено жолти бои и на штитот со лавче. Од гачети не би користел ништо чинам. Можеби некој софистициран пиштол. Ама повеќе го интересираат мускулите, теретана нешто, ова она. Класичен конервативец, патриот/националист, Tee Party fan.

Tuesday, August 9, 2011

Критика на медиумите и контрола на мислата во неолибералните општества – Македонија



Овој текст го напишав кога бев 3 година на факултет. Интересно е тоа што сега е актуелен повеќе од било кога. Актуелен е затоа што: многу новинари добија отказ од работа без никакво законско објаснување, најголемиот електронски медиум и неколку весници се затворени, многу медиуми и новинари се жалат на притисоци, Македонија е се полошо рангирана од меѓународните тела кои се занимаваат со слобода на говор и медиуми. Текстот малку отстапува од ‘оригиналниот’ затоа што е прилагоден на денешната ситуација. Како и да е, во овој текст сакам да зборувам за контрола на мислата во демократските општества и системот на функционирање на медиумите кој му обезбедува поволна позиција на моќните и богатите. Сите пет филтри се превземани од Едвард Херман и Ноам Чомски и перфектно се вклопуваат и го опишуваат Македонскиот систем на медиуми.


Како се контролира мислата во демократските општества?
Контролата на мислата е контроверзна тема, посебно ако се истражува во демократските општества. Контроверзноста произлегува од тоа што социјалната контрола може да биде поизразена во отворените општества отколку во затворените и тоталитарни системи. Во тоталитарните општества, официјалната идеологија лесно се препознава како пропаганда па луѓето можат да бидат повнимателни. Во таква ситуација тие само мораат да се покоруваат, она што го мислат е секундарна грижа. Во демократските општества пак, мислата може лесно може да премине во акција, па затоа мора да биде контролирана со најразлични, суптилни средства кои нема да бидат забележливи.

Ноам Чомски во неговата книга ‘Нужни Илузии’ вели - „Во демократските општества, дебатата не може да биде замолкната. Всушност, кај пропагандата која правилно функционира, не ни треба да биде, зошто таа има системско зацврстувачки карактер ако биде задржана во правилните граници. Она што е суштествено е границите цврсто да бидат поставени. Контроверзиите можат да беснеат се додека се придржуваат до претпоставките што го одредуваат консензусот на елитите па дури и треба да бидат охрабрувани во рамките на овие граници за на тој начин да се помогне воспоставување на овие доктрини како исклучителен услов на промислената мисла, истовремено зацврстувајќи го верувањето дека царува слободата“.

Дебатата се толерира дури и охрабрува но само во рамки на одредена соодветна граница. Така голем број од општествените слободи постојат затоа што се безопасни и не можат да достигнат популарност од кој власта на елитите би имала реперкусии. Меѓутоа, звучноста и начинот на толкување на овие слободи ја придобиваат лојалноста на граѓаните. Со помош на таквите слободи власта има непречен увид во јавното мислење, и со помош на истите го контролира. Во Македонското општество пример на такви „дебати“ би биле: „Бумбар“, „Пирамида“, „Јади Бурек“ итн. Таквата состојба покажува лажна информација за постоење на критичка свест.

Кои медиуми функционираат ‘успешно’?
Моделот на функционирање на медиумите кој следи е посочен од Едвард С. Херман и Ноам Чомски. Главни точки на тој модел се:
1) Концентрација на медиумите во рацете на богатите,
2) Влијанието на оние кои се рекламираат, врз уредувачката политика,
3) Произведување „шум“
4) Потпирање на информациите кои ги обезбедува владата, бизнисот и „експертите“,
5) Антикомунизмот (антитероризмот) како национална религија и контролен механизам. Во нашиот случај соросоиди, предавници, комуњари.

Овие механизми се меѓусебно комплементарни. Моментално можеби најактуелни се 3, 4 и 5 филтер, но за да се разберат тие мора да се појасни целиот систем на функционирање. Но да почнеме од првиот.

1) Концетрација на медиумите во рацете на богатите
Поради растечките трошоци за влез и одржување во медиумскиот пазар, неолибералните општества им овозможуваат на богатите, на елитите, да си оформат свој медиум и да си кажат што сакаат. Така, тие имаат пристап до поширокиот аудиториум. Но, системот е така поставен да само оние кои имаат пари за влез во пазарот можат да оформат свој медиум. Значи влезот во пазарот е ограничен: прво поради капиталот кој е потребен за влез во индустријата со медиуми, второ, поради тоа што претежно се гледа сопствениците на медиумите да бидат дел од некојаси економска елита. Така, сите што сакаат да влезат во таа индустрија, како на пример некои синдикални организации, некои малцински групи (без разлика дали тие се етнички, расни, НВО-а, еколошки здруженија и разни други организации) и кои сакаат да се занимаваат со информативна или едукативна дејност мора да чекаат на ‘милостината’ на економската елита и нивниот медиумски простор за да добијат пристап до публика.

Со процесот на глобализација и проширување на медиумите и надвор од една држава, тие станаа: конгломерати, профитот вртоглаво им се зголемуваа, и имаат се поголема моќ. Меѓутоа напоредно со зголемување на публиката им се зголемува и конкуренцијата, така се создава се поголем притисок за профит. Така, медиумите ориентирани кон профит, се екстремно толерантни кон оние што се рекламираат, бидејќи тој им е еден од главните извори за средства. Во нашиот случај Владата на РМ како најголем финансиер на реклами. Така, како што вели Овен Фис - „Богатите, на пример, би можеле толку многу да доминираат на рекламниот простор во медиумите и во дерогате јавни домени, што јавноста ќе ја чуе само нивната порака“ и гласот на помалку моќните ќе биде задушен.

Со таква достапност до информации јавноста секогаш може да биде погрешно наведена. Не е сеедно како јавноста ќе донесе одлука за определено прашање, бидејќи, секое регулирање на дебатата може да влијае врз резултатот. Да се слушнат и двете страни на дебатата, може да произведе одлука различна од онаа која би била донесена врз основа на сослушување само на едната страна. Иако Херман иронично вели „ние сме сите слободни да оформиме свој весник, доколку не ни се допаѓа тој што ни е достапен“, посиромашните/помалку моќните не дека немаат можност да оформат свој медиум, на пример некој ниско буџетен весник, телевизија или некој аматерски театар, меѓутоа факт е дека постојат одредени ‘водечки’ сили кои се носители на оформување на јавното мислење, располагаат со огромни средства, и ги поставуваат критериумите во кои другите медиуми треба да делуваат.

Според Чомски, постојат три модели на организација на медиумите: 1) Корпоративен олигопол, ја редуцира демократската партиципација на медиумите на нула, како што и останатите корпорации, во принцип, ја исклучуваат јавната контрола од страна на работната сила или заедницата. 2) Државно контролиран, демократската партиципација може да варира во зависност од тоа како функционира политичкиот систем; во стварноста, државните медиуми обично се држат во линија од страна на силите кои ја имаат моќта да владеат во државата и од апаратот на културни управители кој не може да отстапи далеку од границите кои овие сили ги воспоставиле. 3) Демократска комуникациска политика, вреднувањето на правото, јавноста сама да ги обликува своите сопствени работи.

Со оглед на тоа што во пракса доминираат првите два вида на медиуми, согледувајќи ја поставеноста и структурата на медиумите од овој тип, лесно можеме да заклучиме дека тие ќе пренесуваат селектирани информации, главните информации би биле пренесени со кратки пораки, би биле потиснати на крајот од вестите како помалку важни информации, би биле цензурирани, или вниманието на публиката би било пренасочено со други настани и други вести. Основната функција на ваквите медиумите, (од типот корпоративен олигопол, кои потполно ја исклучуваат демократската партиципација и чива основна функција е профит), се сведува единствено на продавање продукт. Продуктот е публиката. Тие создаваат терен, или бираат луѓе на кои ќе им се обратат, за подоцна истата таа публиката да им ја продадат на оние кои треба да се рекламираат.

2) Влијанието на оние што се рекламираат врз уредувачката политика
Тоа е засновано врз претворање на рекламите во главен извор на приходи на медиумите. „Нивното влијание е врз основа на еден компетитивен систем, главно создаден од оние што се рекламираат, бидејќи тие бараат „програмска околина“ која ќе им одговара на нивните комерцијални пораки, и нивната моќ да бираат помеѓу станици и програми кои ќе им одговорат на нивните барања“ – Едвард Херман.

Луѓето повеќе сакаат да гледаат секс, насилство и спорт отколку анализа на јавни прашања. Сопствениците на медиумите се прилагодуваат на ваквите вкусови на гледачите, и за да ги придобијат настанува трката за профит. Поради тоа, медиумите се прилагодуваат на пазарот и се екстремно толерантни кон оние кои се рекламираат. Затоа Овен Фис вели - „Потрагата по профит ги поттикнува раководителите на медиумите не само да го доведат приходот до максимум, туку и трошоците да ги сведат на минимум, динамиката што може да доведе до тоа да ги скратат вестите и активностите што барат високи трошоци, и, место тоа, постојано да ги пуштаат истите програми“. Таквата зависност од рекламите води кон тоа да издавачите ги дискриминираат читателите и ја исклучуваат публиката при определување на она што ќе го прикажат. Таквото исклучување, создава можноста од масовна комерцијализација на медиумите, како: телевизија, весниците, кино, театар, комерцијализација на книгите, а крајниот резултат е губење на критичката вредност на медиумите.

“Ваквиот развиток на медиумите, можеби ги разви комуникациите и овозможи следење на големо број канали, но се додека тие се раководени од пазарот постои голема можност нивниот облик да биде изобличен. На пример можат да постојат 500 канали, а сепак да нема ништо што на некому би му било од корист. Поради тоа вниманието на луѓето се пренасочува, и тие се владеат со забава: ријалити шоу, еротика, лесни и глупави филмови, реклами, спорт. Така, го пренасочуваат вниманието на луѓето и им даваат да се занимаваат со ‘нешто друго’. Не се занимавајте со нас (ние кои го водиме шоуто). Дај им да се занимаваат, на пример со професионален спорт. Нека лудуваат по професионалниот спорт, по секс скандали, туѓи лични проблем или слично. Што било, се додека не е сериозно. Се разбира, сериозните работи се за големите момци „Ние“ ќе се грижиме за тоа.“ – Чомски.

Во ваква ситуација владејачките групи можат да промовира демократијата и да ја прикажуваат како слобода на јавен избор. Но она што ја промовира демократијата, покрај слободата на јавен избор, е јавен избор направен со сите достапни информации. Тоа значи плурализација на информациите, а не само на медиумите.

Друг проблем кој се јавува во овој дел е цензурата. Суровиот материјал, собран од некој новинар мора да помине низ неколку филтри, при што крајната вест ќе биде производ на одговарачкиот интерес на сопственикот на медиумот. Ова се прави со цел, објавената вест од некој новинар, да не му ги наруши добрите бизнис / политички односи со оние кои се рекламираат. Знаеме дека често пати преку цензурата и преку искривувачката призма на медиумите, фактите се претвораат во својата спротивност - нашиот Сител! Тоа не доведува да ја разгледаме ‘дисциплинираност’ на медиумите.

3) Произведување „шум“ или дисциплинираност на медиумите.
„Шум“ или вознемирување на медиумите, поради не придржување до интересите на моќните и влијателните. Тоа се сфаќа во контекст на дисциплинирање на медиумите, односно потхранување со идеологија која би им одговарала на моќните и влијателните - во случајот Владата. Тоа се системи кои на богатите и моќните им овозможуваат константна доминација и секое слободно изразување се изучува низ анализа на нивните интереси. Чомски вели - „Постојат многу начини каде моќта може да те врати веднаш во линија, ако пробаш да ја избегнеш. Ако пробаш да го прекршиш премолчениот договор, нема да издржиш долго. Рамката делува прилично добро и се разбира тоа ја рефлектира очигледната структура на моќ“.

Исто така и новинарите кои влегуваат во системот, треба да се покорат на идеолошките притисоци, да се ‘одговорни’, за да можат да си пробијат пат. А оние кои нема да се сообразат ќе бидат отстранети преку добро познати механизми. Со тоа не некој начин се влева во главите на луѓето ‘правилни навики на мислење’. Доколку некој новинар, кој веќе работи во некоја медиумска куќа која се смета за една од водечките сили во оформување на јавното мислење и е критичен, сака да искаже став кој не е компатибилен со етаблираните ставови или се смета за 'недисциплиниран', може да биде: казнуван, праќан на маргинални форуми па дури и избркан од работа. Тука идеологијата ќе се обиде да докажe дека она што е добро за елитите е добро за секого, и дека другите мислења или се лоши или воопшто не постојат. Тоа е класично пропагирање на едноумие и таа логика воопшто не е толерантна кон другите „погрешни“ ставови.

Така се потиснува независната политика и слободниот говор, врз основа на принципот дека се овластени да ги спречат несоодветните мисли или нивно изразување, бидејќи тие располагаат со средствата и ресурсите неопходни за истражување и критичко анализирање. Покрај другото тие не сакаат политичка контроверзија (читај дебата), која ќе ги натера луѓето да размислуваат со своја глава и подоцна да учествуваат во политиката затоа што, како што вели Фис, „тоа не е добар начин да се продава сапун“.


4) Потпирање врз информациите кои ги обезбедува владата, бизнисот и „експертите“
Поради потребата од постојан извор на информации кои ќе им заштеди време, пари и енергија потребна за темелно истражување на фактите, медиумите се потпираат на информациите пласирани од владата, бизнисот и „експертите“.

Заради зголемување на профитот се бараат евтини извори на информации, како на пример изјави на некои високи државни претставници, изјава на некој ресорен министер, кои се сметаат за доверливи и нема потреба од нивно претходно проверување па така се создава симбиотичка врска помеѓу доминантниот извор и медиумот. Тоа прави изјавите или информациите од некои дисидент потешко да се објават бидејќи тоа би ги вознемирило главните извори на медиумот. Покрај другото, „Доминантниот извор, како што е на пример владата, може да финансира квази-приватни институции со дисциплинирани експерти кои можат да се јават како доминантен извор на експертско ниво, и ќе имаат далеку поголем пристап до мас-медиумите, за разлика од дисидентите кои немаат толку големи финансиски средства потребни за истражување па и имаат многу помал и ограничен пристап до мас-медиумите“ – Едвард Херман.

Квази-приватните институции, претежно се сочинети од „експерти“, кои анализираат прашања во контекст и во интерес на оној кој ги најмил. Доколку ги најмила владата, или некоја голема корпорација, тие можат да се претставуваат како независни институти, но во основа се паразитски институции зависни од надворешни приходи и изворите на поддршка. Институтите, од овој тип, се занимаваат со истражување на јавно мислење, анализа и спроведување на политики итн. Истите имаат голема достапност до медиумите и нивното мислење од јавноста се прифаќа како прилично „меродавно“ па често се најмувани од приватни финансиери или политички елити, а начинот на кои тие функционираа ги прави надворешно зависни и необјективни. Во овој контекст, внимание заслужуваат и маркетинг агенциите, или институти за односи со јавност, кои се најмуваат веднаш штом се појави некој критична точка. Овие организации (како Орвеловото Министерство за Вистина) живеат од создавање на идеолошки потреби и со манипулации на гледачите, со помош на разни спинови, ја пополнуваат критичката „празнина“.

5) Жигосување и етикетирање како национална религија и контролен механизам – Соросоиди и предавници
Овој механизам обезбедува можноста уверливо да се дискредитира секое отстапување од линијата преку неговото жигосување / етикетирање. Во овој контекст ќе направам отстапка од оригиналниот текст. Во оригиналниот текст Херман и Чомски ги споменуваат комунизмот и антитероризмот како реторика на контролен механизам во САД. Нејсе, принципот на функционирање ќе остане ист, ќе се сменат етикетите. Така, наместо антикомунизам и антитероризам ќе добиеме ‘Соросоид’, ‘ предавник’,’ комуњар’.

Ваквата реторика на „задржување“ му дава еден одбранбен призвук на владејачката идеологија. Со фалење и обвинување на: личност, група, организација, објект, вредност, се создава атмосфера во која едната страна се прикажува како поприфатлива а другата се дискредитира. Тоа побудува емоционален одговор, која ја стимулира целта да се идентификува со веќе признат и легитимен авторитет - Владата. Тој легитимен и стабилен авторитет, поредокот го брани со реториката на конспиративност. Еве (!) Соросоидите и предавниците тргнале да ја уништат Македонија! Овој механизам е за чување на народот во страв и тензија од ‘внатрешните’ непријатели, и е последниот од 5те комплементарни механизми.

Чаре?
Во демократско општество, медиумите треба да служат за разглобување на прашања кои се од витална важност за заедницата, да го образуваат електоратот за проблемите во општеството и владеењето. Такви медиуми, можат да настанат само под услов да: образованието, библиотеките, уметноста, јавните дебати и слично, бидат ослободени од строгата поврзаност со пазарот и приватното богатство. Со тоа ќе се избегне каква била можност за комерцијализација на медиумите, и концентрација во рацете на малкуте богати, што би било од суштинска важност за остварување на демократијата.

Остварување на ваквите цели ќе создаде можност за медиуми, на демократско комуникациска политика, и ќе се вреднува правото јавноста сама да учествува во дебати на прашања кои се од витална важност за нивната заедница.

Sunday, July 3, 2011

Нека Скопје се развива во секоја смисла, провинцијата нека гние – Ф. (акинг) К. (антри) Миравци!



“Провинцијализирање на Скопје“ е еуфемизам и скопско егоцентрично гледиште за - осиромашување на провинцијата.


Во овој текст сакам да зборувам за политичката одлуката - Ф.К Вардар да биде вратен во првата фудбалска лига. Гледам низ сите веб страни и весници и како најрелевантна ја најдов информацијата од Нова Македонија, па така цел текст ќе се базира на тие податоци: дека ФФМ со политикo-правна одлука реши да - Ф.К Вардар (читај Скопје) го купи/спои со Ф.К Миравци (читај провинција) и дека градот Скопје, (Коце Трајановски) и Акционерското друштво за стопанисување со станбен и со деловен простор ќе даде пари. Останатите клубови, вклучувајќи го и Ф.К Пелистер (читај провинција) ќе испаднат.

Додека го читате текстот, за да не бидам сфатен како Битолчанец кој традиционално се жали од „љубомора“, обидете се зборот Битола да го замените со провинција и работите ќе бидат појасни. Онаму каде што ќе пишувам Битола, а не провинција, е затоа што Вардар (читај Скопје) испадна од прва лига, исто како и Пелистер (читај Битола). Но сакам да пишувам за регионалната / развојната перспектива, или дека односот кон Ф.К Вардар е само класичен пример на провинцијализирање на Скопје или уште поточно – ОСИРОМАШУВАЊЕ НА ПРОВИНЦИЈАТА. Сакам да зборувам од чисто битолска перспектива затоа што сум роден и израснат во Битола и затоа што околу 12 години бев активно вклучен во битолскиот спортски живот (ги поминав сите младински школи на Ф.К Пелистер) и имав постојана комуникација со луѓе кои животот им го посветиле на спортот. Некои од моите роднини и пријатели се уште се занимаваат со спорт па сакам да зборувам и за нивната перспектива, односно - каде е нивната иднина или што е уште побитно каде се нивните ЕДНАКВИ ШАНСИ?! Исто така сакам да нагласам дека логиката на Скопје како исклучок се пресликува во сите сектори (економски, културни итн) па така овој текст опфаќа повеќе перспективи.


Зошто Ф.К Вардар треба да игра во втора лига и како се “провинцијализира“ Скопје?

Прво, фудбалот во никој случај не значи само „фудбал“, туку вложување во животот на градот и пред се начин на изразување и дружење на цела една генерација или класа на луѓе кои во фудбалот наоѓаа заеднички јазик. Пред се мислам на работничката класа и генерацијата на средновечни мажи, кои сочинуваат голем дел, а можеби уште побитно и на генерациите кои допрва доаѓаат, затоа што истите тие луѓе своите деца ги носат да тренираат фудбал. Значи во позадината на било кој Ф.К не стојат само 20 луѓе или уште помалку “симбол“, туку цела една плејада на поранешни и идни генерации кои следат. Затоа кога зборуваме за било кој Ф.К треба да му дадеме една човечка, градска, развојна димензија. Ок?

Второ, спасувањето на Ф.К Вардар, со политичка одлука, не значи ништо друго туку промени кои нема да бидат одоздола, и “промени“ кои го водат Вардар кон истиот правец затоа што се донесени со истата провинцијана логичка матрица, од истиот систем на размислување и истиот профил на функционери кои постојано придонесуваат за осиромашување на провинцијата и провинцијализирање на Скопје.

Трето, не е само Ф.К Вардар “симбол“, Ф.К Пелистер и други клубови се исто така. Можеби не според број на титули, туку според бројот на репрезентативци, според бројот на гледачи па ако сакате и според навивачките традиции. Што значи Ф.К Вардар не е симбол, туку е исклучок.

Четврто, провинцијалниот Ф.К Миравци заслужи да игра во првата лига, а ако изговорот е немаат пари, тогаш зошто не се направи истото што се направи и за Ф.К Вардар? Зошто со политичка одлука не се одржува Ф.К Миравци во живот и во прва лига? Тим во првата лига може да придонесе многу за развојот на Миравци. Замисли да играа во некој европска лига: ќе стигнат некои екстра парички, па некој ќе се “продаде“, па ќе се среди стадионот, ќе се подобрат условите за младинските школи итн - развој. Еве, ако Ф.К Миравци не е “симбол“ тогаш Ф.К Пелистер е. Зошто за Ф.К Пелистер не важат истите правила како и за Ф.К Вардар!? Зошто на сите не им се обезбедат истите, еднакви шанси - или сите што заслужиле да испаднат од првата лига; или со државна помош (политичка одлука) да не испадне никој!?

За голема жал, логиката на Скопје како состојба на исклучок е длабоко втемелена во нашата “демократска“, колективна свест. Не само во спортот, туку во целокупниот развој (финасиски, духовен, културен итн). Концертирање на сите ресурси во Скопје автоматски значи не-вложување и осиромашување на провинцијата; а постојаното вложување во Скопје значи и негово провинцијализирање. Оттука, Вардар вратен во прва лига, со политичка одлука и заеднички пари, не значи ништо друго туку дека на Скопје му се дава се, а на провинција ништо; значи дека за Скопје секогаш ќе има исклучок, а за провинцијата едно големо не; или поинаку кажано, Скопје може да се развива во финансиска, човечка, спортска, културолошка смисла а провинцијата нека гние.

Две сценарија. Еве ќе развиеме две комплетно реални и спротивни сценарија. Велам реални затоа што растејќи во “провинција“ секој ден се среќавав со истите проблеми. Значи две спротивни сценарија, Скопско и Битолско.

Скопска ситуација: Градот и ФФМ одлучиле дека Ф.К Вардар како симбол по секоја цена треба да остане во 1 лига. Градот (поточно државата затоа што парите се од заедничкиот буџет) ќе најдел начин и пари (исто како што најде за дел од спомениците, жичарата и новите автобуси итн). Земените пари ќе бидат редистрибуирани за целокупното функционирање на тимот. Тоа значи ќе има пари за подобрување на условите за младинските категории и нивен подобар развој - за нив подобра иднина; тоа значи среќни деца, среќни родители; тоа значи дека во клубот повторно ќе заживее каков таков дух, па луѓето на кои голем дел од животот им се врти околу спортот нема да се чувствуваат депримирани и ќе се чувствуваат како да се дел од нешто на кое припаѓаат; тоа значи дека позитивната енергија може да се прелие и врз другите сегменти, па така барем еден дел од градскиот живот ќе заживее. А да не зборуваме дека повеќето тимови од првата лига се од Скопје.

Битолска ситуација: градот и ФФМ одлучиле дека за Ф.К Пелистер нема да важат истите услови како и за Ф.К Вардар. Градот / државата нема да одвои пари од буџетот за да вложи во Ф.К Пелистер. Тоа значи нема пари младинските категории и цели генерации ќе одат УПМ. Несреќни деца, несреќни родители. Во градот нема да завладее спортски дух, па луѓето на кои голем дел од животот им се врти околу спортот ќе се чувствуваат депримирани и ќе се чувствуваат како да не припаѓаат на ова место, во овој град. Ако имате лоша атмосфера во еден сегмент од општествениот живот, (во овој случај спортскиот), во мали градови како Битола таа негативна атмосфера на безизлезност и немотивираност се пренесува и во другите сегменти па макар тоа биле: ракомет, кошарка, одбојка итн. Тоа значи дека голем дел ќе се отселат и ќе си бараат подобро место за живот под сонцето. Смачено им е од несреќен и гол живот. А да не зборуваме дека Ф.К Пелистер е единствениот фудбалски тим од Битола.

Заклучок од двете ситуации: Младите од Скопје ќе се развиваат затоа што ги имаат средствата и условите, а младите, новите генерации од Битола ќе гнијат и упропастуваат = младите генерации на: цицибани, пионери, кадети, младинци од Скопје се побитни од тие на Битола = Ние сме побитни од Вас, нашите деца се побитни од вашите, нашата иднина е побитна од вашата. Што е уште полошо, кога ќе дојдеме во Скопје за подобар живот ќе бидеме наречени “сељачишта“ и “провинцијалци“ од истите луѓе кои со нивните одлуки ги ограбија и не присилија да се иселиме од нашите родни градови, и од истите луѓе кои „не ги поддржуваат“ но ги премолчуваат овие неправди! И така, магичен круг. Затоа еееееј другарче, еееееј скопјанче, пред да се ставиш во ситуација на “градски човек“, треба да размислиш дека ти си станал градски, образован и си напреднал на наша сметка. Ама нејсе, муабетот ми беше, Скопје и неговите граѓани секогаш можат да бидат ИСКЛУЧОК, провинцијата не!
Ете ви пример како се упропастуваат идните генерации од провинцијата; ете во пример како луѓето од Скопје и провинцијата немаат еднакви шанси. Немаат еднакви шанси затоа што правилата се исклучок ако живееш во Скопје, правилата важат за сите, освен за оние кои живеат во Скопје. Епа после ова, кај да одиме ние “провинцијалците“?

Провинција ради Скопје се гради.

Како Скопје да се одпровинцијализира? Провинцијализирањето на Скопје почна во оној момент кога Скопјани премолчеа на првата инвестиција која јасно беше дека не им припаѓа, а зеде залет кога престанаа да викаат НЕ на секоја наредна инвестиција што ја осиромашуваше провинцијата. Со таа логика си создадовме систем кој на површина исфрла фаци како Коце и Харалампие кои со нивната кратковидност и начинот на размислување носат вакви проникливи одлуки (Ф.К Миравци) и со тоа во систем на таа логичка матрица функционираат како риби во вода. Таа логика ги создаде луѓето кои се горди што Вардар ќе остане во првата лига. Таа логика ги создаде Скопјаните кои сакаат сешто во Скопје и никој во Скопје!

Скопје ќе престане да се провинцијализира тогаш кога ќе престанеме да ја осиромашување “провинцијата“ и кога сите ќе имаме еднакви шанси – макар тоа и да значи Ф.К Вардар да игра во втора лига.
Скопје ќе престане да се провинцијализира тогаш кога ќе престанеме да го третираме како ИСКЛУЧОК и кога скопјани ќе речат НЕ на ситуација како оваа а ќе аплаудираат за еднаков, демократски (спортски, културен, економски итн) регионален развој.

Така драги мои се наметнува прашањето - дали во оваа држава сите градови, и луѓето кои живеат во нив, се еднакви или Скопје е “поеднаков“ од другите?! Ако Ф.К Вардар е симбол на македонскиот фудбал, тогаш оваа одлука е симбол и порака до наредните генерации во Битола и Миравци – за вас нема еднакви шанси, за вас нема иднина, дојдете во Скопје!
Ете затоа јас се преселив од Битола во Скопје - за подобар живот, за еднакви шанси за "Ф.К Миравци!"

Поздрав од Битолчанецо!

Monday, June 20, 2011

Зошто реториката на “младинско движење“ или “младите се бунтуваат“ не води во ќор сокак?

Поради голем потенцијал кој го носи настанатата ситуација и можноста за учење на нова лекција на македонското општество или за чекор понапред во демократизирање, сакам аргументирано да спорам зошто реториката и духот на “младинско движење“ / “независна младинска република“ / “младински протест“ или “младите протестираат“, кој многу често среќавам посебно во традиционалните медиуми, ја дава погрешната слика, а со тоа и насока на движењето. При тоа сакам да нагласам дека оваа конструктивна критика не се однесува на “младите кои почнаа со реториката“, туку на медиумите (нови или стари) кои протестот го прикажуваат како “младински“, оставајќи поле за толкување и аргументирање од типот – “абе млади ко млади, нешто се бунтуваат таму!“. Еве и конкретен пример од колумната на Дарко Митревски – “Вака - срам ми е да излезам да протестирам заедно со младиве храбри деца. Мртвиот Мартин е дел од нивната генерација. Злосторникот Спасов - тоа сме сите ние“. Текстот сакам да го посветам на оваа реторика затоа што многу од луѓето кои се на наша страна не излегуваа само затоа што движењето го перципираат како младинско. Ова може да биде доста контрапродуктивно а ваквата логика оди директно против инклузивноста и масовноста како главни алатки за постигнување на целта. Доколку и понатаму сакаме да ги одвоиме грубото мешање на државата во општеството, во случајот да ги одвоиме државата и општеството за да станеме релевантен општествен глас, тогаш оваа реториката ја дава покрај тоа што дава погрешната слика кај јавноста дава и погрешната слика кај “суверенот“ што додатно им дава можност за секуритизација, манипулирање и етикетирање на целиот протест. За подобар инклузивен правец на протестот кој би обезбедил чекор напред во демократизирање на односите помеѓу општеството и државата и поголема социјална доверба подобро би било реториката, а со тоа и духот на демонстрациите, да биде “независно општество“ / “независно граѓанско општество“ / “независно граѓанство“. Затоа што мора да најдеме начин како “старите“ да го прифатат движењето како свое!

Зошто оваа реторика ја менува насоката ?

Инкузивност и Масовност. Силната и емоционална реченица ....“независна младинска република“ / “младинско движење“ / “младите протестираа“ итн не е инклузивна од проста причина што ги исклучува сите “стари“ или во најмала рака ги демотивира да излезат на протест и им го зацврстува ставот на “им го оставаме тоа на младите“. Мојот впечаток беше дека, колку повеќе се зацврстуваше реториката на “младинско движење“ толку помал беше одѕивот. Покрај тоа, ако е општа констатацијата дека за движењето да добие глас на “општество“ потребна е масивност во која сите групи и индивидуи ќе се измешаат до тој степен да нивниот идентитет повеќе не е битен, тогаш ова насока/реторика е директно против логиката на инклузивност и масовност. “Суверенот“ како да го сфати ова и затоа се обидува да го спинува со младата Биљана и младите кои ќе протестираат пред штабот на СДСМ. Општеството е доволно поделено на сите основи и лесно за манипулација, со Биљана сакаат да ги поделат и “младите“ демостранти. да ги стават во истата спирала. Ама нејсе, масовноста би била единствениот начин да се легитимираме како општествен глас и при тоа да ги избегнеме етикитирањата како СДСМовци или Соросоиди, наркомани, млади бунтовници без причина итн, итн. Масовноста во која ќе има и млади и стари, и Македонсци и Албанци итн итн. Ако не нејдеме начин сите групи движењето да го прифатат како свое, тога, иако ние ја поседуваме цела енергија на светот, тие ги имаат сретствата и можноста да практикуваат суверентитет а тоа е доволно за да не поделат. Исто така, она што може да е меч со две острици, при мобилизацијата, е тоа што “младите“ не се појавуваат во традиционалните медиуми. Лошата страна е тоа што останатите, кои не се од Скопје, не можат да се информираат “директно“ од демострантите; но добра страна (ги има повеќе) е тоа што остава простор за мобилизација на постарите, особено интелектуалците, да имаат мотив да појават и да кажа нешто за традиционалните медиуми, што на некој начин ги прави учесници во поширокиот протест. Традиционалните медиуми се медиуми на “постарата“ генерација, тоа е нивната институција. Ние си ги имаме новите медиуми, тие се нашата институција, па оттука - мобилизирање на “постарите“ преку традиционални медиуми, мобилизирање на младите преку нови медиуми е најдобрата опција.

Односот на суверенот. Независна младинска република не ја отсликува целта на движењето: држава која нема да доминира врз општеството, отворање на институциите и демократизирање на односите помеѓу граѓаните и државата. Ако движењето го има духот на “независна република“ тогаш тоа им дава можност движењето да го гледаат како “независен политички субјект“ кој еве тргнал да се сомнева, или во фаталистичка верзија да го превеземе, нивното суверено право да владеат. Така секое појавување, макар и на една јавна личност, (посебно сегашен или бивши политичар) се спинува во позната насока – “партиско присуство ја открива позадината на протестите“. Ова, на државната елита и нивните медиуми, им дава широко поле за манипулација и лоши изговори. Таквите манипулации демотивираат голем број на граѓани да се приклучат на протестот затоа што веќе ја слушнале таа реторика и ја научиле таа лекција. Она што суверенот не го разбира е тоа дека, ако не успеат да не растурат, тогаш секое соопштение, секој даден изговор на министерката Јанкуловска и МВР ќе биде повод за уште едно додатно проширување на идеите и барањата на протестот. Од едноставна оставка, поради нејзината арогантност и игнорантност, ќе можеме да бараме: оставка, отвореност на институциите кон граѓаните, едно големо стоп за мешање на државата во цивилниот сектор итн! Доколку успеат да не разбијат и ако од протестот општеството не научи ништо, тогаш ние “младите“ ќе бидеме криви затоа што не најдовме начин за инклузивност и мобилизирање на граѓаните, играјќи ја играта на суверенот и плашејќи се дека ќе не етикетираат (што продуцира реторика и политика која не е инклузивна – наши/ваши) и ќе изгубиме шанса за нова демократска лекција во колективната свест. Тоа не го заслужуваме!

На крај, ако сакаме да ги отвориме институциите, ако сакаме нашето општество да стекне уште еден сегмент од демократската колективна меморија, ако сакаме да не им оставиме поле за манипулација тогаш мора да се наметнеме како гласот на општеството – инклузивно и масовно!

Поздрав другари!

Thursday, June 16, 2011

Каде се движи протестот и каде се движи општеството?

Поттикнат од случувањата во Македонија, кои постојано ги следам, и од емисијата на радио МОФ, каде за жал фатив неполни 10 минути од целата дебата, може да се забележи дека постојат несогласувања помеѓу демонстрантите па како надворешен набљудувач, со ладна глава, сакав да напишам еден пост со кој се надевам дека ќе придонесам или ќе поттикнам некоја идеја за анализа на моменталната состојба и насоката во која треба да се движи протестот.

Она што забележувам е дека најспорни точки помеѓу демонстрантите се:
1. Како да се избегнат партиските етикетирања?
2. Како да се остварат целите на движењето?
3. Зошто не, а зошто да концерт?
4. Дали во движењето треба да се приклучуваат и групи, или само индивидуи?
5. Дали во движењето треба да се приклучат политичари и јавни фаци?

Одиме по ред. Би почнал од најбитното, како “да се избегнат“ партиските етикетирања. Би започнал со ова, затоа што низ годините активизмот најмногу пати од опасноста за етикетирање што одзема многу енергија и прави расцеп по разни основи. Главното прашање е, како да се смени главниот дискурс? Мојот одговор и главен аргумент би бил, во оваа ситуација, а и во многу други, главно е да се нагласи РАЗЛИКАТА ПОМЕЃУ ДРЖАВАТА И ОПШТЕСТВОТО. Читајќи на оваа тема наидов на еден текст од познатиот автор по студии за безбедност, Ole Wæver каде во неговата книга “Securitization and Desecuritization“ (не знам адекватен превод) се обидува да ја најде границата помеѓу општество и држава во ситуации кога суверенот/владетелот и неговата позиција се загрозени. Во таква ситуација големи се шансите елитите да ги суспендираат границите, затоа што тие и нивните формални институции одлучуваат кога општеството и државата се загрозени велејќи дека – општество, па тоа сме ние. Пример: во случајот Владата вели: ние добивме мнозинство на избори, ние ја конструираме владата, ние го конструираме општеството и оттука црпиме легитимитет. Користејќи ја оваа логика секогаш дебатата се префрлува врз “институциите на системот“ (види одговор од МВР на барањето од група граѓани) или се спинува одговорност врз другиот политички ентитет кој сака да го загрози нивното суверено/владејачко право – СДСМ, и наместо институционален добиваме политички одговор. И не е само овој случај, често владата (државата) избегнува да дебатира со цивилниот сектор (општеството) кога се донесуваа било какви закони а во демократските општества “дебатата“ е најбитната точката каде државата и општеството се среќаваат и се еднакви. Тука “општеството“ го кажува својот став за актуелната состојба и дава патоказ за иднината. Со суспендирање на оваа точка, свесно или несвесно, се суспендира границата и државата доминира врз општеството не оставајќи го слободно. Како практични примери би ги земал случајот со неформално суспендирање на Економско-социјалниот совет и не консултирање на Синдикатот при донесување на нов закон за работнички права; не консултирање на НВО-ат кои се занимаваат со антидискриминација за закон кој ја третира таа проблематика, не прифаќање на барањата за реформи во полицијата и ред други примери. Ги знаете, ги има многу. Така секое барање од “општеството“ се третира како “политичко“ и како загрозување на суверенитетот на владетелот. Оттука нервоза и дополнителна безбедност/securitization со третирање на демонстрантите како загрозувачки елемент по нивната сувереност и спинување од провладините медуми за конспиративност против државата и нивно политичко боење. Затоа го добивме и тој непријателски политички одговор од државната институција - МВР, зато ги добиваме прекрасните прилози од ТВ Сител.

Како ние да бидеме релевантен општествен глас?
“Како зборува општество? Општеството е различно од државата со тоа што нема институции во формален облик. Секој може да зборува во име на општеството и да тврди дека има некој општествен проблем или дека општеството е загрозено. Под кои области таквите тврдења треба да бидат земени за сериозни?
Но општеството никогаш не зборува, тоа е таму само за да се зборува за него......Најчесто, не постојат легитимни претставници на општеството: (државата може да каже) или постои држава или не постои ништо.“ – Оле Вивер, Securitization and Desecuritization
Се разбира, ова во никој случај не значи дека групите/демонстрантите не можат да зборуваат во име на општеството. Како што кажав претходно, Владата ја суспендира границата помеѓу општеството и државата и намерно не избегнува, или во најлош случај ги суспендира дебатите помеѓу нас и неа, со изговор дека сме корумпиран, нестручни или најчесто дека сме под влијание на другата група која сака да го превеземе нивниот суверенитет на владеење - СДСМ. Оттука паролата “НИЕ НЕ СМЕ ПАРТИЈА!“ перфектно се вклопува во нивната игра и им помага во де-легитимирање на групата како општествен глас и во партиски етикетирања и дисквалификации. Она што мора да се направи е групата на демонстранти да се “легитимира“ како реален глас на моменталната општествена ситуација, при тоа давајќи и до знаење на “суверенот“ дека не се против неговиот суверенитет да владее. Ако тоа бара масовност (а очигледно демонстрантите одлучиле така извикувајќи пароли како СТАНЕТЕ ОД КАФЕ; СИМНЕТЕ СЕ ДОЛЕ; ИМАТЕ ЛИ ДЕЦА; ДОСТА БЕШЕ МОЛК итн) тогаш нека биде тоа. Затоа мислам дека “старите“ во овој случај имаат морална обврска да се појават на протестот. Не затоа што нивните деца се на улица, не затоа што тие се креатори на ова општество и на оваа општествена ситуација (активни или пасивни), туку затоа што младите ја бараат вашата поддршка! Оттука реториката во колумната на проф, Ванковска во најмала рака не е фер (со сета почит затоа што верувам дека сака да помогне). Движењето може да добие и уште поголема функција на “општество“ не само ако се приклучат старите, туку и ако ги донесат и нивните мали деца/бебиња. Тоа се случи во Египет. Одлуката да се протестира мирно е одлична. Ако може уште повеќе да се радикализира ненасилноста тоа би придонело кон намалување на стравот на “суверенот“ од тоа дека општеството ќе се сврти против него и наместо да вложуваат енергија во разбивање на протестот, се плашам и со сила, ќе бидат приморани да ги канализираат нашите барања и да го тргнат прашањето од агенда.

За нашите цели. Демонстрантите имаат две цели. Првата е формална: оставка од министерката, портпаролот и реформи во полиција; а втората неформална: промена на поданичкиот менталитет – посебно кај младите.
Во поглед на првото барање. Како движењето може да се сфати како “општествена“ а не “политичка“ сила? Би препорачал да не се влегува фронтално во дебата како да се реформираат полициските сили, туку јасно да им дадете до знаење дека тоа е нивна работа, да ја вклучат цела административна машинерија/институции и да понудат опции, кои подоцна општеството преку дебати со државата ќе одлучи која да ја прифати. Барања можат да се достават, но тие не треба да бидат концизни туку да бидат “општи“ односно да бидат еден вид на насока по која ќе можат да се движат оние кои треба да ги понудат опциите - во случајот државата/институциите. Така општеството ќе ја изврши својата функција на коректор, насочувајќи ги своите акции директно против криминалот на државата, а државата нема да се мобилизира и барањата на демонстрантите нема да може да ги сфати како фаталистичко загрозување на нивниот “суверен“. Отстапка од барањето за промена на министерката и портпаролот нема!

Втората цел, промена на менталитетот. Во поглед на ова прашање мислам дека овој протест беше прилично успешен. Еве, ако сакаме да бидеме самокритични и да не се залетуваме, тогаш барем можеме да признаеме дека сме на добар пат. Зошто го велам ова? Затоа што мислам дека секој оној кој излезе на улица да протестира ја надмина таа ментална граница/бариера после која нема враќање назад. Оној кој излезе да протестира сфати дека може да менува, дека не е сам во стравот, несигурноста или немоќноста. Кажано поетски, секој оној кој излезе на протест сега ќе биде мало жарче кое може да распламне во секој момент ;)
За концертот, сметам дека требаше да се одржи затоа што постоеше можност да се постигне spillover effect каде енергијата од гневот можеше да се префрли врз други општествени сектори. Во случајот ќе добиевме активни уметници, кои својата творечка енергија ќе ја насочеа кон случувањата. Велејќи НЕ на концертот како да се кажа НЕ на трансферирање на гневот во креативна енергија и се кажа НЕ на вклучување на уметниците со нивните идеи. Ако движењето не сака да има “лидери“ тогаш треба да се создаде простор за секој оној кој сака да се изрази – посебно ако тоа е креативно. Само со слобода на израз на различни групи, “the групата“ ќе може да си најде еквилибриум и општествен идентитет. Да не бидам сфатен погрешно, мислам дека во “the групата“ има голема слобода но може и повеќе. Како и да е, не треба да се губи надеж и ништо не е доцна.

Дали треба да се вклучат групи или само индивидуи. Во политичката теорија, политичко движење, или само движење, е група на лица кои имаат различна идеолошки гледишта но се здружуваат поради некоја заедничка цел. Откако целта ќе се оствари движењето се расформира. Во овој случај целта е расчистување на убиството и горе споменатите формални и неформални барања. Движењето треба да биде инклузивно, да вклучува и обединува во различностите, па така со реториката: “во протестот сите мора да бидеме индивидуалци“ на некој начин се униформира движењето и не се дава можност да се приклучат граѓани кои тоа сакаат да го направат како група.

Приклучување на политичарите. Секој граѓанин на РМ, кој НЕ е дел од горе споменатиот “суверен“ има морална обврска да се појави на протестот, било да е тоа: политичар лидер на партија, политичар член на владејачката партија кој не е во извршната власт, бивши затвореник, сегашен или бивши полицаец итн итн. Ако движењето успее да се наметне како “општество“ тогаш нивното присуство ќе биде незначајно. Во случај да движењето не може да се наметне како “општество“ тогаш политичарите и покрај нивната морална обврска и опасноста од злоупотреба можат да се повлечат, но никој нема право да ги избрка!

Доколку движењето се развива во оваа насока тогаш сметам дека ова може да биде пресвртена точка и чекор напред во демократизирање на македонското општество/држава!

Жалам за долгиот пост, гледав да скратам колку можам. Најбитно ми е да биде сфатена идејата за “етикетирање“, доколку не бев јасен можам да се дообјаснам, само поставете прашање долу во коментари! За крај нема да бидам скромен и ќе кажам дека малку сум разочаран бидејќи ниту во една од анализи за новите медиум не е спомнат мојот твит, кој беше првиот со хаштаг #daniel, и кој според мене ја дава насоката и иднината на протестот а тоа е: после ова – КОЈ Е ТОЛКУ ГЛУПАВ ДА НЕ ИЗЛЕЗЕ НА ПРОТЕСТ?! #daniel #martin #protestiram

Поздрав другари!

Search This Blog

Loading...