„Провинцијализирање на Скопје“ е еуфемизам и скопско егоцентрично гледиште за - осиромашување на провинцијата.
Во овој текст сакам да зборувам за политичката одлуката - Ф.К Вардар да биде вратен во првата фудбалска лига. Гледам низ сите веб страни и весници и како најрелевантна ја најдов информацијата од Нова Македонија, па така цел текст ќе се базира на тие податоци: дека ФФМ со политикo-правна одлука реши да - Ф.К Вардар (читај Скопје) го купи/спои со Ф.К Миравци (читај провинција) и дека градот Скопје, (Коце Трајановски) и Акционерското друштво за стопанисување со станбен и со деловен простор ќе даде пари. Останатите клубови, вклучувајќи го и Ф.К Пелистер (читај провинција) ќе испаднат.
Додека го читате текстот, за да не бидам сфатен како Битолчанец кој традиционално се жали од „љубомора“, обидете се зборот Битола да го замените со провинција и работите ќе бидат појасни. Онаму каде што ќе пишувам Битола, а не провинција, е затоа што Вардар (читај Скопје) испадна од прва лига, исто како и Пелистер (читај Битола). Но сакам да пишувам за регионалната / развојната перспектива, или дека односот кон Ф.К Вардар е само класичен пример на провинцијализирање на Скопје или уште поточно – ОСИРОМАШУВАЊЕ НА ПРОВИНЦИЈАТА. Сакам да зборувам од чисто битолска перспектива затоа што сум роден и израснат во Битола и затоа што околу 12 години бев активно вклучен во битолскиот спортски живот (ги поминав сите младински школи на Ф.К Пелистер) и имав постојана комуникација со луѓе кои животот им го посветиле на спортот. Некои од моите роднини и пријатели се уште се занимаваат со спорт па сакам да зборувам и за нивната перспектива, односно - каде е нивната иднина или што е уште побитно каде се нивните ЕДНАКВИ ШАНСИ?! Исто така сакам да нагласам дека логиката на Скопје како исклучок се пресликува во сите сектори (економски, културни итн) па така овој текст опфаќа повеќе перспективи.
Зошто Ф.К Вардар треба да игра во втора лига и како се “провинцијализира“ Скопје?
Прво, фудбалот во никој случај не значи само „фудбал“, туку вложување во животот на градот и пред се начин на изразување и дружење на цела една генерација или класа на луѓе кои во фудбалот наоѓаа заеднички јазик. Пред се мислам на работничката класа и генерацијата на средновечни мажи, кои сочинуваат голем дел, а можеби уште побитно и на генерациите кои допрва доаѓаат, затоа што истите тие луѓе своите деца ги носат да тренираат фудбал. Значи во позадината на било кој Ф.К не стојат само 20 луѓе или уште помалку “симбол“, туку цела една плејада на поранешни и идни генерации кои следат. Затоа кога зборуваме за било кој Ф.К треба да му дадеме една човечка, градска, развојна димензија. Ок?
Второ, спасувањето на Ф.К Вардар, со политичка одлука, не значи ништо друго туку промени кои нема да бидат одоздола, и “промени“ кои го водат Вардар кон истиот правец затоа што се донесени со истата паланечка логичка матрица, од истиот систем на размислување и истиот профил на функционери кои постојано придонесуваат за осиромашување на провинцијата и провинцијализирање на Скопје.
Трето, не е само Ф.К Вардар “симбол“, Ф.К Пелистер и други клубови се исто така. Можеби не според број на титули, туку според бројот на репрезентативци, бројот на гледачи па ако сакате и според навивачките традиции. Што значи Ф.К Вардар не е симбол, туку е исклучок.
Четврто, провинцијалниот Ф.К Миравци заслужи да игра во првата лига, а ако изговорот е немаат пари, тогаш зошто не се направи истото што се направи и за Ф.К Вардар? Зошто со политичка одлука не се одржува Ф.К Миравци во живот и во прва лига? Тим во првата лига може да придонесе многу за развојот на Миравци. Замисли да играа во некој европска лига: ќе стигнат некои екстра парички, па некој ќе се “продаде“, па ќе се среди стадионот, ќе се подобрат условите за младинските школи итн - развој. Еве, ако Ф.К Миравци не е “симбол“ тогаш Ф.К Пелистер е. Зошто за Ф.К Пелистер не важат истите правила како и за Ф.К Вардар!? Зошто на сите не им се обезбедат истите, еднакви шанси - или сите што заслужиле да испаднат од првата лига; или со државна помош (политичка одлука) да не испадне никој!?
За голема жал, логиката на Скопје како состојба на исклучок е длабоко втемелена во нашата недемократска, колективна свест. Не само во спортот, туку во целокупниот развој (финасиски, духовен, културен итн). Концертирање на сите ресурси во Скопје автоматски значи не-вложување и осиромашување на провинцијата; а постојаното вложување во Скопје значи и негово провинцијализирање. Оттука, Вардар вратен во прва лига, со политичка одлука и заеднички пари, не значи ништо друго туку дека на Скопје му се дава се, а на провинција ништо; значи дека за Скопје секогаш ќе има исклучок, а за провинцијата едно големо не; или поинаку кажано, Скопје може да се развива во финансиска, човечка, спортска, културолошка смисла а провинцијата нека гние.
Две сценарија. Еве ќе развиеме две комплетно реални и спротивни сценарија. Велам реални затоа што растејќи во “провинција“ секој ден се среќавав со истите проблеми. Значи две спротивни сценарија, Скопско и Битолско.
Скопска ситуација: Градот и ФФМ одлучиле дека Ф.К Вардар како симбол по секоја цена треба да остане во 1 лига. Градот (поточно државата затоа што парите се од заедничкиот буџет) ќе најдел начин и пари (исто како што најде за дел од спомениците, жичарата и новите автобуси итн). Земените пари ќе бидат редистрибуирани за целокупното функционирање на тимот. Тоа значи ќе има пари за подобрување на условите за младинските категории и нивен подобар развој - за нив подобра иднина; тоа значи среќни деца, среќни родители; тоа значи дека во клубот повторно ќе заживее каков таков дух, па луѓето на кои голем дел од животот им се врти околу спортот нема да се чувствуваат депримирани и ќе се чувствуваат како да се дел од нешто на кое припаѓаат; тоа значи дека позитивната енергија може да се прелие и врз другите сегменти, па така барем еден дел од градскиот живот ќе заживее. А да не зборуваме дека повеќето тимови од првата лига се од Скопје.
Битолска ситуација: градот и ФФМ одлучиле дека за Ф.К Пелистер нема да важат истите услови како и за Ф.К Вардар. Градот / државата нема да одвои пари од буџетот за да вложи во Ф.К Пелистер. Тоа значи нема пари младинските категории и цели генерации ќе одат У.П.М. Несреќни деца, несреќни родители. Во градот нема да завладее спортски дух, па луѓето на кои голем дел од животот им се врти околу спортот ќе се чувствуваат депримирани и ќе се чувствуваат како да не припаѓаат на ова место, во овој град. Ако имате лоша атмосфера во еден сегмент од општествениот живот, (во овој случај спортскиот), во мали градови како Битола таа негативна атмосфера на безизлезност и немотивираност се пренесува и во другите сегменти па макар тоа биле: ракомет, кошарка, одбојка итн. Тоа значи дека голем дел ќе се отселат и ќе си бараат подобро место за живот под сонцето. Смачено им е од несреќен и гол живот. А да не зборуваме дека Ф.К Пелистер е единствениот фудбалски тим од Битола.
Заклучок од двете ситуации: Младите од Скопје ќе се развиваат затоа што ги имаат средствата и условите, а младите, новите генерации од Битола ќе гнијат и упропастуваат = младите генерации на: цицибани, пионери, кадети, младинци од Скопје се побитни од тие на Битола = Ние сме побитни од Вас, нашите деца се побитни од вашите, нашата иднина е побитна од вашата. Што е уште полошо, кога ќе дојдеме во Скопје за подобар живот ќе бидеме наречени “сељачишта“ и “провинцијалци“ од истите луѓе кои со нивните одлуки ги ограбија и не присилија да се иселиме од нашите родни градови, и од истите луѓе кои „не ги поддржуваат“ но ги премолчуваат овие неправди! И така, магичен круг. Затоа еееееј другарче, еееееј скопјанче, пред да се ставиш во ситуација на “градски човек“, треба да размислиш дека ти си станал градски, образован и си напреднал на наша сметка. Ама нејсе, муабетот ми беше, Скопје и неговите граѓани секогаш можат да бидат ИСКЛУЧОК, провинцијата не!
Ете ви пример како се упропастуваат идните генерации од провинцијата; ете ви пример како луѓето од Скопје и провинцијата немаат еднакви шанси. Немаат еднакви шанси затоа што правилата се исклучок ако живееш во Скопје, правилата важат за сите, освен за оние кои живеат во Скопје. Епа после ова, кај да одиме ние „провинцијалците“?
Провинција ради Скопје се гради.
Како Скопје да се отпровинцијализира? Провинцијализирањето на Скопје почна во оној момент кога Скопјани премолчеа на првата инвестиција која јасно беше дека не им припаѓа, а зеде залет кога престанаа да викаат НЕ на секоја наредна инвестиција што ја осиромашуваше провинцијата. Со таа логика си создадовме систем кој на површина исфрла фаци како Коце и Харалампие кои со нивната кратковидност и начинот на размислување носат вакви проникливи одлуки (Ф.К Миравци) и со тоа во систем на таа логичка матрица функционираат како риби во вода. Таа логика ги создаде луѓето кои се горди што Вардар ќе остане во првата лига. Таа логика ги создаде Скопјаните кои сакаат се во Скопје, и никој во Скопје!
Скопје ќе престане да се провинцијализира тогаш кога ќе престанеме да ја осиромашување „провинцијата“ и кога сите ќе имаме еднакви шанси – макар тоа и да значи Ф.К Вардар да игра во втора лига.
Скопје ќе престане да се провинцијализира тогаш кога ќе престанеме да го третираме како ИСКЛУЧОК и кога скопјани ќе речат НЕ на ситуација како оваа а ќе аплаудираат за еднаков, демократски (спортски, културен, економски итн) регионален развој.
Така драги мои се наметнува прашањето - дали во оваа држава сите градови, и луѓето кои живеат во нив, се еднакви или Скопје е „поеднаков“ од другите?! Ако Ф.К Вардар е симбол на македонскиот фудбал, тогаш оваа одлука е симбол и порака до наредните генерации во Битола и Миравци – за вас нема еднакви шанси, за вас нема иднина, дојдете во Скопје!
Ете затоа јас се преселив од Битола во Скопје - за подобар живот, за еднакви шанси за „Ф.К Миравци!"
Поздрав од Битолчанецо!
Абе и јас сакам да се развијат селата, да пркне, ама нема! Се согласувам за повеќето. Не може целата вина да падне само на Скопје. Точно е дека имаат Скопјани удел во тоа, но тоа е резултат на повеќе феномени...
ReplyDelete