Овој текст го напишав кога бев 3 година на факултет. Интересно е тоа што сега е актуелен повеќе од било кога. Актуелен е затоа што: многу новинари добија отказ од работа без никакво законско објаснување, најголемиот електронски медиум и неколку весници се затворени, многу медиуми и новинари се жалат на притисоци, Македонија е се полошо рангирана од меѓународните тела кои се занимаваат со слобода на говор и медиуми. Текстот малку отстапува од ‘оригиналниот’ затоа што е прилагоден на денешната ситуација. Како и да е, во овој текст сакам да зборувам за контрола на мислата во демократските општества и системот на функционирање на медиумите кој му обезбедува поволна позиција на моќните и богатите. Сите пет филтри се превземани од Едвард Херман и Ноам Чомски и перфектно се вклопуваат и го опишуваат Македонскиот систем на медиуми.
Како се контролира мислата во демократските општества?
Контролата на мислата е контроверзна тема, посебно ако се истражува во демократските општества. Контроверзноста произлегува од тоа што социјалната контрола може да биде поизразена во отворените општества отколку во затворените и тоталитарни системи. Во тоталитарните општества, официјалната идеологија лесно се препознава како пропаганда па луѓето можат да бидат повнимателни. Во таква ситуација тие само мораат да се покоруваат, она што го мислат е секундарна грижа. Во демократските општества пак, мислата може лесно може да премине во акција, па затоа мора да биде контролирана со најразлични, суптилни средства кои нема да бидат забележливи.
Ноам Чомски во неговата книга ‘Нужни Илузии’ вели - „Во демократските општества, дебатата не може да биде замолкната. Всушност, кај пропагандата која правилно функционира, не ни треба да биде, зошто таа има системско зацврстувачки карактер ако биде задржана во правилните граници. Она што е суштествено е границите цврсто да бидат поставени. Контроверзиите можат да беснеат се додека се придржуваат до претпоставките што го одредуваат консензусот на елитите па дури и треба да бидат охрабрувани во рамките на овие граници за на тој начин да се помогне воспоставување на овие доктрини како исклучителен услов на промислената мисла, истовремено зацврстувајќи го верувањето дека царува слободата“.
Дебатата се толерира дури и охрабрува но само во рамки на одредена соодветна граница. Така голем број од општествените слободи постојат затоа што се безопасни и не можат да достигнат популарност од кој власта на елитите би имала реперкусии. Меѓутоа, звучноста и начинот на толкување на овие слободи ја придобиваат лојалноста на граѓаните. Со помош на таквите слободи власта има непречен увид во јавното мислење, и со помош на истите го контролира. Во Македонското општество пример на такви „дебати“ би биле: „Бумбар“, „Пирамида“, „Јади Бурек“ итн. Таквата состојба покажува лажна информација за постоење на критичка свест.
Кои медиуми функционираат ‘успешно’?
Моделот на функционирање на медиумите кој следи е посочен од Едвард С. Херман и Ноам Чомски. Главни точки на тој модел се:
1) Концентрација на медиумите во рацете на богатите,
2) Влијанието на оние кои се рекламираат, врз уредувачката политика,
3) Произведување „шум“
4) Потпирање на информациите кои ги обезбедува владата, бизнисот и „експертите“,
5) Антикомунизмот (антитероризмот) како национална религија и контролен механизам. Во нашиот случај соросоиди, предавници, комуњари.
Овие механизми се меѓусебно комплементарни. Моментално можеби најактуелни се 3, 4 и 5 филтер, но за да се разберат тие мора да се појасни целиот систем на функционирање. Но да почнеме од првиот.
1) Концетрација на медиумите во рацете на богатите
Поради растечките трошоци за влез и одржување во медиумскиот пазар, неолибералните општества им овозможуваат на богатите, на елитите, да си оформат свој медиум и да си кажат што сакаат. Така, тие имаат пристап до поширокиот аудиториум. Но, системот е така поставен да само оние кои имаат пари за влез во пазарот можат да оформат свој медиум. Значи влезот во пазарот е ограничен: прво поради капиталот кој е потребен за влез во индустријата со медиуми, второ, поради тоа што претежно се гледа сопствениците на медиумите да бидат дел од некојаси економска елита. Така, сите што сакаат да влезат во таа индустрија, како на пример некои синдикални организации, некои малцински групи (без разлика дали тие се етнички, расни, НВО-а, еколошки здруженија и разни други организации) и кои сакаат да се занимаваат со информативна или едукативна дејност мора да чекаат на ‘милостината’ на економската елита и нивниот медиумски простор за да добијат пристап до публика.
Со процесот на глобализација и проширување на медиумите и надвор од една држава, тие станаа: конгломерати, профитот вртоглаво им се зголемуваа, и имаат се поголема моќ. Меѓутоа напоредно со зголемување на публиката им се зголемува и конкуренцијата, така се создава се поголем притисок за профит. Така, медиумите ориентирани кон профит, се екстремно толерантни кон оние што се рекламираат, бидејќи тој им е еден од главните извори за средства. Во нашиот случај Владата на РМ како најголем финансиер на реклами. Така, како што вели Овен Фис - „Богатите, на пример, би можеле толку многу да доминираат на рекламниот простор во медиумите и во дерогате јавни домени, што јавноста ќе ја чуе само нивната порака“ и гласот на помалку моќните ќе биде задушен.
Со таква достапност до информации јавноста секогаш може да биде погрешно наведена. Не е сеедно како јавноста ќе донесе одлука за определено прашање, бидејќи, секое регулирање на дебатата може да влијае врз резултатот. Да се слушнат и двете страни на дебатата, може да произведе одлука различна од онаа која би била донесена врз основа на сослушување само на едната страна. Иако Херман иронично вели „ние сме сите слободни да оформиме свој весник, доколку не ни се допаѓа тој што ни е достапен“, посиромашните/помалку моќните не дека немаат можност да оформат свој медиум, на пример некој ниско буџетен весник, телевизија или некој аматерски театар, меѓутоа факт е дека постојат одредени ‘водечки’ сили кои се носители на оформување на јавното мислење, располагаат со огромни средства, и ги поставуваат критериумите во кои другите медиуми треба да делуваат.
Според Чомски, постојат три модели на организација на медиумите: 1) Корпоративен олигопол, ја редуцира демократската партиципација на медиумите на нула, како што и останатите корпорации, во принцип, ја исклучуваат јавната контрола од страна на работната сила или заедницата. 2) Државно контролиран, демократската партиципација може да варира во зависност од тоа како функционира политичкиот систем; во стварноста, државните медиуми обично се држат во линија од страна на силите кои ја имаат моќта да владеат во државата и од апаратот на културни управители кој не може да отстапи далеку од границите кои овие сили ги воспоставиле. 3) Демократска комуникациска политика, вреднувањето на правото, јавноста сама да ги обликува своите сопствени работи.
Со оглед на тоа што во пракса доминираат првите два вида на медиуми, согледувајќи ја поставеноста и структурата на медиумите од овој тип, лесно можеме да заклучиме дека тие ќе пренесуваат селектирани информации, главните информации би биле пренесени со кратки пораки, би биле потиснати на крајот од вестите како помалку важни информации, би биле цензурирани, или вниманието на публиката би било пренасочено со други настани и други вести. Основната функција на ваквите медиумите, (од типот корпоративен олигопол, кои потполно ја исклучуваат демократската партиципација и чива основна функција е профит), се сведува единствено на продавање продукт. Продуктот е публиката. Тие создаваат терен, или бираат луѓе на кои ќе им се обратат, за подоцна истата таа публиката да им ја продадат на оние кои треба да се рекламираат.
2) Влијанието на оние што се рекламираат врз уредувачката политика
Тоа е засновано врз претворање на рекламите во главен извор на приходи на медиумите. „Нивното влијание е врз основа на еден компетитивен систем, главно создаден од оние што се рекламираат, бидејќи тие бараат „програмска околина“ која ќе им одговара на нивните комерцијални пораки, и нивната моќ да бираат помеѓу станици и програми кои ќе им одговорат на нивните барања“ – Едвард Херман.
Луѓето повеќе сакаат да гледаат секс, насилство и спорт отколку анализа на јавни прашања. Сопствениците на медиумите се прилагодуваат на ваквите вкусови на гледачите, и за да ги придобијат настанува трката за профит. Поради тоа, медиумите се прилагодуваат на пазарот и се екстремно толерантни кон оние кои се рекламираат. Затоа Овен Фис вели - „Потрагата по профит ги поттикнува раководителите на медиумите не само да го доведат приходот до максимум, туку и трошоците да ги сведат на минимум, динамиката што може да доведе до тоа да ги скратат вестите и активностите што барат високи трошоци, и, место тоа, постојано да ги пуштаат истите програми“. Таквата зависност од рекламите води кон тоа да издавачите ги дискриминираат читателите и ја исклучуваат публиката при определување на она што ќе го прикажат. Таквото исклучување, создава можноста од масовна комерцијализација на медиумите, како: телевизија, весниците, кино, театар, комерцијализација на книгите, а крајниот резултат е губење на критичката вредност на медиумите.
“Ваквиот развиток на медиумите, можеби ги разви комуникациите и овозможи следење на големо број канали, но се додека тие се раководени од пазарот постои голема можност нивниот облик да биде изобличен. На пример можат да постојат 500 канали, а сепак да нема ништо што на некому би му било од корист. Поради тоа вниманието на луѓето се пренасочува, и тие се владеат со забава: ријалити шоу, еротика, лесни и глупави филмови, реклами, спорт. Така, го пренасочуваат вниманието на луѓето и им даваат да се занимаваат со ‘нешто друго’. Не се занимавајте со нас (ние кои го водиме шоуто). Дај им да се занимаваат, на пример со професионален спорт. Нека лудуваат по професионалниот спорт, по секс скандали, туѓи лични проблем или слично. Што било, се додека не е сериозно. Се разбира, сериозните работи се за големите момци „Ние“ ќе се грижиме за тоа.“ – Чомски.
Во ваква ситуација владејачките групи можат да промовира демократијата и да ја прикажуваат како слобода на јавен избор. Но она што ја промовира демократијата, покрај слободата на јавен избор, е јавен избор направен со сите достапни информации. Тоа значи плурализација на информациите, а не само на медиумите.
Друг проблем кој се јавува во овој дел е цензурата. Суровиот материјал, собран од некој новинар мора да помине низ неколку филтри, при што крајната вест ќе биде производ на одговарачкиот интерес на сопственикот на медиумот. Ова се прави со цел, објавената вест од некој новинар, да не му ги наруши добрите бизнис / политички односи со оние кои се рекламираат. Знаеме дека често пати преку цензурата и преку искривувачката призма на медиумите, фактите се претвораат во својата спротивност - нашиот Сител! Тоа не доведува да ја разгледаме ‘дисциплинираност’ на медиумите.
3) Произведување „шум“ или дисциплинираност на медиумите.
„Шум“ или вознемирување на медиумите, поради не придржување до интересите на моќните и влијателните. Тоа се сфаќа во контекст на дисциплинирање на медиумите, односно потхранување со идеологија која би им одговарала на моќните и влијателните - во случајот Владата. Тоа се системи кои на богатите и моќните им овозможуваат константна доминација и секое слободно изразување се изучува низ анализа на нивните интереси. Чомски вели - „Постојат многу начини каде моќта може да те врати веднаш во линија, ако пробаш да ја избегнеш. Ако пробаш да го прекршиш премолчениот договор, нема да издржиш долго. Рамката делува прилично добро и се разбира тоа ја рефлектира очигледната структура на моќ“.
Исто така и новинарите кои влегуваат во системот, треба да се покорат на идеолошките притисоци, да се ‘одговорни’, за да можат да си пробијат пат. А оние кои нема да се сообразат ќе бидат отстранети преку добро познати механизми. Со тоа не некој начин се влева во главите на луѓето ‘правилни навики на мислење’. Доколку некој новинар, кој веќе работи во некоја медиумска куќа која се смета за една од водечките сили во оформување на јавното мислење и е критичен, сака да искаже став кој не е компатибилен со етаблираните ставови или се смета за 'недисциплиниран', може да биде: казнуван, праќан на маргинални форуми па дури и избркан од работа. Тука идеологијата ќе се обиде да докажe дека она што е добро за елитите е добро за секого, и дека другите мислења или се лоши или воопшто не постојат. Тоа е класично пропагирање на едноумие и таа логика воопшто не е толерантна кон другите „погрешни“ ставови.
Така се потиснува независната политика и слободниот говор, врз основа на принципот дека се овластени да ги спречат несоодветните мисли или нивно изразување, бидејќи тие располагаат со средствата и ресурсите неопходни за истражување и критичко анализирање. Покрај другото тие не сакаат политичка контроверзија (читај дебата), која ќе ги натера луѓето да размислуваат со своја глава и подоцна да учествуваат во политиката затоа што, како што вели Фис, „тоа не е добар начин да се продава сапун“.
4) Потпирање врз информациите кои ги обезбедува владата, бизнисот и „експертите“
Поради потребата од постојан извор на информации кои ќе им заштеди време, пари и енергија потребна за темелно истражување на фактите, медиумите се потпираат на информациите пласирани од владата, бизнисот и „експертите“.
Заради зголемување на профитот се бараат евтини извори на информации, како на пример изјави на некои високи државни претставници, изјава на некој ресорен министер, кои се сметаат за доверливи и нема потреба од нивно претходно проверување па така се создава симбиотичка врска помеѓу доминантниот извор и медиумот. Тоа прави изјавите или информациите од некои дисидент потешко да се објават бидејќи тоа би ги вознемирило главните извори на медиумот. Покрај другото, „Доминантниот извор, како што е на пример владата, може да финансира квази-приватни институции со дисциплинирани експерти кои можат да се јават како доминантен извор на експертско ниво, и ќе имаат далеку поголем пристап до мас-медиумите, за разлика од дисидентите кои немаат толку големи финансиски средства потребни за истражување па и имаат многу помал и ограничен пристап до мас-медиумите“ – Едвард Херман.
Квази-приватните институции, претежно се сочинети од „експерти“, кои анализираат прашања во контекст и во интерес на оној кој ги најмил. Доколку ги најмила владата, или некоја голема корпорација, тие можат да се претставуваат како независни институти, но во основа се паразитски институции зависни од надворешни приходи и изворите на поддршка. Институтите, од овој тип, се занимаваат со истражување на јавно мислење, анализа и спроведување на политики итн. Истите имаат голема достапност до медиумите и нивното мислење од јавноста се прифаќа како прилично „меродавно“ па често се најмувани од приватни финансиери или политички елити, а начинот на кои тие функционираа ги прави надворешно зависни и необјективни. Во овој контекст, внимание заслужуваат и маркетинг агенциите, или институти за односи со јавност, кои се најмуваат веднаш штом се појави некој критична точка. Овие организации (како Орвеловото Министерство за Вистина) живеат од создавање на идеолошки потреби и со манипулации на гледачите, со помош на разни спинови, ја пополнуваат критичката „празнина“.
5) Жигосување и етикетирање како национална религија и контролен механизам – Соросоиди и предавници
Овој механизам обезбедува можноста уверливо да се дискредитира секое отстапување од линијата преку неговото жигосување / етикетирање. Во овој контекст ќе направам отстапка од оригиналниот текст. Во оригиналниот текст Херман и Чомски ги споменуваат комунизмот и антитероризмот како реторика на контролен механизам во САД. Нејсе, принципот на функционирање ќе остане ист, ќе се сменат етикетите. Така, наместо антикомунизам и антитероризам ќе добиеме ‘Соросоид’, ‘ предавник’,’ комуњар’.
Ваквата реторика на „задржување“ му дава еден одбранбен призвук на владејачката идеологија. Со фалење и обвинување на: личност, група, организација, објект, вредност, се создава атмосфера во која едната страна се прикажува како поприфатлива а другата се дискредитира. Тоа побудува емоционален одговор, која ја стимулира целта да се идентификува со веќе признат и легитимен авторитет - Владата. Тој легитимен и стабилен авторитет, поредокот го брани со реториката на конспиративност. Еве (!) Соросоидите и предавниците тргнале да ја уништат Македонија! Овој механизам е за чување на народот во страв и тензија од ‘внатрешните’ непријатели, и е последниот од 5те комплементарни механизми.
Чаре?
Во демократско општество, медиумите треба да служат за разглобување на прашања кои се од витална важност за заедницата, да го образуваат електоратот за проблемите во општеството и владеењето. Такви медиуми, можат да настанат само под услов да: образованието, библиотеките, уметноста, јавните дебати и слично, бидат ослободени од строгата поврзаност со пазарот и приватното богатство. Со тоа ќе се избегне каква била можност за комерцијализација на медиумите, и концентрација во рацете на малкуте богати, што би било од суштинска важност за остварување на демократијата.
Остварување на ваквите цели ќе создаде можност за медиуми, на демократско комуникациска политика, и ќе се вреднува правото јавноста сама да учествува во дебати на прашања кои се од витална важност за нивната заедница.
No comments:
Post a Comment