Saturday, March 9, 2013

Македонија денес


Деновиве привршуваме со анализата на македонската ситуација, или поточно кој доби а кој изгуби во големата економска криза од 2008 до 2012 година. Еве неколку фрапантни податоци: Македонија има најголема класна раслоеност во Европа и бившите Советски републики со џини коефициент 43,2; во последните години најбогатите 20% го зголемиле богатството за 12,2% во однос на останатите класи, па така најниската месечна плата во Македонија е 130 евра, а највисоката 82.590 евра; Македонија има 30,6% невработеност, 55% младинска невработеност и 24% деца кои живеат во семејства без вработени родители. 


Згора на тоа, Македонија има Завод за вработување кој постојано манипулира со бројката на невработени лица и ги брише, без рационална основа, од листата на невработени, а со тоа и од листата на приматели на социјална помош. Македонија од 2008 до 2012 година ги има намалено примателите на социјална помош за 40%. Од 55.105 домаќинства на 37.312. И сето ова во време кога на власт е партијата која се претствавува како гласноговорник на „обичниот“ народ, ВМРО-ДПМНЕ.

И сега, ако некој рече - „но ВМРО спроведе доста социјални мерки“, еве зошто нема да биде во право. Укинувањето на трајните демократски придобивки кои прераснале во некој вид институции, како што е социјалната помош која е намалена за 40%, не може да се замени со ад хок популистички мерки кои на долг рок не се одржливи и зависат од милостината на премиерот. Компјутер за „секој“ студент, проект укинат после неколу години, е само еден типичен пример. Останатите социјални бенефиции кои допрва се делат, зголемување на пензиите, бањи и бесплатен јавен превоз (во одредени денови) за пензионери, одмор за деца итн., се нестабилни мерки кои не се воспоставени како дел од системот и зависат од милостината на еден политичар. Тие не се стабилни, и не се прифатени, затоа што не се демократски, дискутирани и обмислени туку се донесени со одлука за маркетингшки цели. Од мал број на луѓе. Тоа не е демократски. Ама и Македонија не е демократија.

Демократските општества секогаш тежнеат кон поголема еднаквост. Најдемократските држави се и наједнакви. Тоа го покажуваат сите статистички податоци. Тие држави имаат механизми преку кои се распределува богатството и моќта на донесување одлуки за јавните добра. Во таквите држави и индивидуалната благосостојба како и социјалната доверба е подобра. Кај нас вакви демократски механизми, кои би ги распределувале финасиите и моќта на донесување одлуки, не постојат. Кај нас се само едни кои одлучуваат и за политичката и за економската моќ - партијата на власт. Овие ’едни‘ си ја изедначуваат приватната среќа со јавната и свесно или несвесно си ја монополизираат политичката моќ, што неминовно води и кон монополизирање на економската моќ.


Ваквите класни разлики (во политичка и економска смисла) ги продлабочуваат неправедните распределби и следствено водат кон состојба на нарушена социјална доверба. Оттука, секој со секого се мрази и никој на никого не му верува.

Јас сум против тоа СДСМ да одат на избори. Со самото тоа што одат на избори го легитимираат системот на општествени односи, кои спуштени на толку ниско ниво го раководат ова општество. Сега не е време за дискутирање во рамката понудена од авторитарната партија на власт и без’рбетната опозиција. Сега е време за нови идеи! За нови нормативни решенија! Решението СДСМ да оди на избори значи решение во рамките на иститот општествен систем, со истите општествени правила, само што едната елита ја заменува другата. Е, баш тој систем насилно ја исфрли дебатата од инстутуциите и ни ја префрли на улица каде што остана неаратикулирана, неразбрана, без моќ и ефект. Во институциите остана само едната страна која се однесува како да е и општество и држава. Сè!

За една развиена демократија изборите треба да бидат технички, а дебатата треба да биде суштинска. Во дебатата се кристализираат ставовите, се разјаснуваат работите и влијанието на граѓаните се пресликува во норми. После суштинска дебата многу е лесно да се излезе на избори. Ако нема дебата, изборите се претвораат во нивната спротивност – не се вклучуваат граѓаните во јавните работи туку се присилуваат граѓаните да „учествуваат“ во јавните работи преку инструментализирани избори. Волјата на народот не се состои во заокружување на бројки во избирачкиот список по пропорционален, полупропорционален, мнозински или кој било друг изборен модел. Волјата на народот е глас, збор, размислување, договарање, а не наметнување и суво гласање.

Да не бидам сфатен погрешно, се разбира дека изборите се битен демократски дел, но во случајот изборите не ја преставуваат волјата на народот, туку волјата на неколку политички олигарси кои ја монополизираат јавната сфера со нивната приватна среќа која ја наметнуваат како политика. Токму затоа, работата не е да го одржуваме овој систем, работата е да го делигитимираме, размонтираме, да го струполиме на плеќи!

Јас сум лут на европските политичари, кои за да си ја врамат Македонија во нивниот извештај, притиснаа за избори без никакво чувство за македонскиот контекст и рапидното намалување на граѓанската моќ за влијание врз јавниот живот. Ги прифативме нивните сугестии, си прифативме Македонија да се врти во круг. Утре, како и вчера, пак ќе се разбудиме со: поплави, убиства, грабежи, протести, контрапротести, непостоечка социјална доверба, голема класна раслоеност, етнички судири, прелажани граѓани, дволични политичари, режим, диктатура, без’рбетна опозиција, непособна администрација, изгубени перспективи, полиција, пропаст и катастрофа, сакатени земјоделци, обесправени работници, неколку богати кои мислат дека се богови, криза, рецесија, смрт.

No comments:

Post a Comment