Натоварен со 50 килограми тргнав: Битола – Скопје 3.5ч со автобус, Скопје – Хамбург 36ч со автобус, Хамбург – Флензбург 2.5ч со воз. Се на се 42 часа пат до мојот студентски град.
Многу ми е жал што немав апарат да прикажам барем дел од моите искуства, ама уште на почеток автобусот на „Насир-турс“ доцнеше 1ч и 15мин. Ако не и повеќе. Класична македонска приказна, некој се успал во Гостивар и наместо автобусот да тргне во 9.30ч, тргнал во 10.45ч. Инаку автобусот добар, шоферите фини ама на никој не би му препорачал да се вози со нив. Имаше три компании кои одеа за Хамбург, во ист ден, исто време и за исти пари, ама моментот кој одлучи, откако им се јавив на сите три компании, беше тоа што тетката на шалтер кај „Насир“ ми рече дека со нивниот автобус до Хамбург се стига за 20 саати.
Автобусот се разбира беше полн. Се фалеше еден од шоферите, вели: „откако ни ги укинаа визите цвета бизнисот“. Уште еден доказ дека шоферот беше во право е тоа што на Хрватска граница пресретнавме два нови, празни, Насирови автобуси купени од Германија кои одеа право за Гостивар. Ама ако, нејсе, пак назад во автобусот. Јас седев на средината од автобусот, внатрешното седиште, веднаш до втората врата и прекрасното, после 20 часа, миризливо ВеЦе. Седев до еден фин дечко од Сарај, кој сакаше да зборува за неговото време поминато во Луксембург. Од што сакаше да зборува, за тие цели два месеци поминати таму, приказната ми ја раскажа 34 пати. Минимум. Иако велеше дека има проблеми со спиење во автобус, го преспа 50% од патот. Кога не спиеше зборуваше. Добра страна беше тоа што јас и тој бевме единствените што одевме за Флензбург. Јас на студии а тој кај неговиот брат. На почетокот ми се понуди дека со колата на неговиот брат ќе ме пренесат од Хамбург до Флензбург, ама се разбира, коа слеговме на автобуската станица него веднаш го снема. Тоа ти е, инстант пријатели инстантно исчезнуваат.
Позади мене седеа двајца Роми од Битола. Тие се посебна приказна. Едниот сериозен и семеен човек а другиот баирски кабадаја шо цело време се жалеше од кичмата. Се погоди да бидат братучеди и постојано да разговараат за некои членови од нивното пошироко семејство. Говореа на цел глас, како да се тотално сами во автобусот а едниот од нив, кабадајата, скоро сите членови на неговото семејство сакаше да ги „еби во г*зо“. Појма немам зошто, не прашав. Кабадајата беше многу среќен кога ми побара стило, а јас како прав битолчанец му реков „мајсторе, ако речиш стило само битолчанец ќе можи да сфати шо бараш“. Се изнасмеа кабадајата и ми подаде рака – „еве ти рака за муабето“ ми рече. Слегоа во Касел.
На вакви долги патувања паузи се прават на секои 3-4 часа или можеби тоа беше само во овој случај, не знам, но, најдолгата пауза ја правевме на излезот Хрватска граница. Не дека на другите граници не не задржуваа, ама на излезот од Хрватска - претрес. Не слегоа од автобус и како прави шерифи, граничарите, со доза на гордост и иронија коментираа на се што најдоа во куферите: „ајде, вадете тавче гравче“ - викаше едниот, „..ајварче, ракиче“ - другиот, и така 2 и пол часа се задржавме на граница. Да биде бељата поголема на еден од патниците, млад дечко од Тетово, му најдоа сомнителна супстанца па заедно со куферите во полициска станица. Јас, се разбира, најнатоварен и последен. Сите се истуркаа пред мене, па дури и тој младичот со едно куферче на тркала иако ме гледаше дека на грб имам ранец од 20 кила а во раце уште толку. Нема солидарност бре брате, туркај. Ама разбирам, нервоза.
Помина што помина, се натоваривме повторно во автобус и за нецели две минути....бинго! Уште една граница. Словенија. Ајде рековме, нема да не задржат, не тресеа на Хрватска, па сигурно се координирани. Европа е ова бе! Словенците со друга тактика. Секој пасош го гледаа по 5 до 10 минути. Не е ни чудно што на двајца им најдоа дека кршат визни правила. Биле во Европа пред 2 и пол месеци па требаа да чекаа во Македонија уште пола месец за да ги пуштат. Строги Словенци, вратија две млади момчиња што веројатно одеа кај некои роднини на посета. Не ќе да беше за работа, многу беа млади. Не помогнаа ни аргументите на некои постари членови на екипажот кои се убедуваа да го променат мислењето на граничарите довикувајќи: „до вчера бевме една држава бе!“, „ееее златна Југославија“ „види на кое дереџе стигнавме“ итн. Како и да е, уште 1 час и 45 минути отепани на уште една граница.
Поминавме словенска граница, скусени со тројцата херои, и бум, Европа. Да бидам искрен, не фатив ништо од Словенија. Иако бев заинтригиран од приказните на сестра ми дека во Словенија на бензинските пумпи има тушеви и вратите се отвараат автоматски, чисто за хигиена, но не издржав и заспав. Се разбира, после толку нервоза, напнати ситуации, чекање на граници, носење 50 кила на себе, заспав веднаш штом ја потпрев главата на тоа сивото пластично масиче за јадење што висеше од седиштето пред мене. Ама сигурно не сме направиле пауза во Словенија. Нејсе, исто беше и понатаму, еднаш ги отворив очите во Австрија и пак ме снема. Се разбудив на некоја бензинска станица во Германија. Спиењето беше најсветлиот момент од патувањето заедно со проекцијата на филмот „Кабадаја“ два часа пред пристигнувањето во Хамбург.
Инаку шоферот на автобусот не забавуваше во зависност од атмосферата и делот од денот. Од сабајле и во попладневните часови пушташе албанска народна музика, приквечер некои снимки од Пинк ТВ и се разбира неприкосновената Цеца а после јадење и пауза пушташе и по некој филм. На репертоар: Рамбо 4; една дегенска америчка комедија; еден филм на изгребано ЦД; тој новиот со Анџелина Џоли и на крајот Кабадаја. Мене, искрено, омилен ми беше тој на изгребаното ЦД зошто ги видовме само првите 3 мин од филмот. Ама ги видовме, на пример 6 - 7 пати.
Во тие 36 часа патување имаше секакви дискусии. Од коли, жени, автобуси, патишта и трач муабети до Германија, Франција, Европа и се разбира малку локална политика. Онака, колку за зачин. Некаде близу Хановер половина од патниците, оние кои одеа за Берлин, се префрлија во друг автобус па така се разделивме со трите пријатни студентки од Скопје со кои на паузите пиевме кафе и разговаравме. Автобусот сега беше тотално наш. Секој можеше да се спружи на било кои од седиштата, ама па и на никој не му се спиеше. Како да се навикнавме некако на полн автобус и како да не погоди тоа што не го гледавме автобусот така како што го навикнавме. Плус секогаш последните саати се најтешки. Истото беше и со мене. Тогаш почнав да размислувам за мојот двегодишен престој во Флензбург. Во меѓувреме се слушнав неколку пати со Борјан за да го известам дека наместо во 18.00ч во Флензбург ќе стигнам во 00.00ч. Така и беше. Пријателот од Сарај инстантно исчезна па сета среќа што железничката станица во Хамбург е веднаш до Автобуската и тоа што од дома го проверив распоредот на возовите за Флензбург па знаев дека воз има на секои 45 минути. Стигнав во Флензбург неколку минути после 00.00ч, ме пречека Борјан и ме спаси за таа вечер. И воала, сега сум Флензбург. Инаку Флензбург си е посебна приказна што ќе се обидам да ја опишам некогаш во иднина, а дотогаш јас си знам како му било на Одисеј затоа што си ја преживеав мојата лична Одисеја.
No comments:
Post a Comment