Wednesday, October 13, 2010

Флензбург и вдомувањето









Флензбург е најсеверниот град во Германија, има некаде околу 80.000 жители и се простира на двете страни на еден од фјордовите на северното море. Тоа е само на неколку километри од Данската граница. Во градот, скоро секаде, покрај Германското е истакнато и Данското знаме. Дел од историјата на градот укажува дека Флензбург некогаш дури бил и Дански град. Не знам во кој период точно, ама ако ве интересира повеќе историја проверете википедија. Мене ме мрзи. Ама и не е тоа толку битно.


На прв впечаток Флензбург ќе ви се причини како мало, тивко и провинциско гратче. И нема да биде тоа далеку од вистината се додека не отидете на главната улица и големиот број на луѓе и продавници не ви остават впечаток дека сте во некој многу поголем град - барем за момент. 
Има прекрасна архитектура а големата и централа улица наликува на „Широк сокак“ во Битола. Само луѓе и бутици, минус кафичи, се разбира. Овде кафе се пие од нога и на трк и нема цаурење по цел ден. Покрај бутиците има и неколку трговски центри кои се наоѓаат на главната улица и нудат роба за продажба од игла до слон. Следствено Флензбург е конзумеристички рај. Веднаш може да се забележи дека во градот нема индустрија и дека повеќето од луѓето живеат од мала или средна трговија. Има една термоцентрала, една пивара и едно бродоградилиште. Тоа е се, колку што забележав. Од двете страни на фјордот има пешачки патеки и кога има сонце сите луѓе се таму па затоа тоа е најубавиот дел од градот. Тука блиску е и „Ресторан Македонија“ отворен од едно семејство кое веќе неколку декади живее во Флензбург. Над ресторанот е и евтиниот хотел во кој најдов престој за неколку дена.
На еден од ридовите над градот се наоѓа и универзитетот на Флензбург. Тоа е мал кампус, со 5.000 студенти, од кои претежно сите студираат технички науки (што автоматски значи повеќе мажи од жени). Тука се наоѓа и студентската менза, градската спортска сала, затворениот базен и целата универзитетска администрација. Првиот ден отидов во интернационалната канцеларија но беше затворена. Германските административци имаа многу чудно работно време, имаат пауза од 3 саати а плус треба и да им закажеш. Нејсе, ја начекав другиот ден. И така првиот ден ми требаше да се сталожам после долгото патување. Откако ја сретнав и кажав дека како интернационален студент кој сам и прв пат доаѓа во Флензбург ќе ми треба мала помош, посебно кога станува збор за сместување. Беше фина, не се жалам, сврти еден број кај еден старец кој поседува голем број на станови кои ги изнајмува на студенти. Инаку старецот тешка превара. Преку телефон се договоривме да ме земе со кола од пред факс и да ме однесе до станот кој требаше да го најмам. Уште од старт премногу почна да ми го „продава“ станот велејќи дека тоа ми е единствена опција затоа што во Флензбург се е зафатено. Иако бев свесен дека станот е надвор од градот, близу до плажата, се нафатив да го видам. После 25 минути возење стигнавме. Таму веќе чекаше Алтеран, мојот сегашен цимер. Влегуваме во „станот“ и станот не е ни стан туку една обична соба. Има еден кревет, клуб масичка, кујнска маса со 2 столици, еден тросед, еден регал, мини кујна и ВЦ. Беше петок, па разочаран му реков дека ќе размислам и ќе му се јавам во понеделник.
Викендот беше пекол. Свртив преку 26 броеви од оние кои се огласуваа дека бараат цимери. Сите бараат женско за цимер. Тоа ти е кога од 5.000 студенти на пример 4.700 се мажи. Абе све машинци! Многу се мањаци еј. По огласи можеш да видиш: двајца машки бараат трета цимерка; еден маж бара цимерка......жени што огласуваа има многу малку. Студентските домови, затоа што се премалку, се преполни и ти останува да најдеш некој хостел ама остај тоа, најголемиот хостел е затворен поради реновирање или одмор. Другиот хостел беше преполн па не оставаа ни да влезеш и да прашаш за место, уште од домофон ти викаат нема место, ај чао! По односот на градот и луѓето, човек ќе сфати дека Флензбург и не е некој студентки град. Остај тоа што во основа сите те третираат чудно и напати непријателски, туку и нема многу млади луѓе. Ова е делот што највеќе ми пречи во Флензбург. Флензбург може да остави впечаток дека е еден голем пензионерски дом. Пензионери има колку што ти душа сака. Пензионери и чат-пат по некој средношколец. Како да недостасува еден цел генерациски јаз. Како сите млади од 20 до 30 години со нетрпение да чекале да заминат. Скоро се е обратно од Марбург. Дури и кога влегуваш во автобус мора да влезеш од предната врата и да ја покажеш својата студентска, семестрална карта на шоферот, по што тој онака сомничаво ќе фокусира поглед за да ја види датата. Покрај тоа студентската карта ти важи само за некои од автобусите и ја немаш опцијата за бесплатно патување со воз во рамките на државата, како што тоа беше примерот со Марбург, поточно Хесен. Претпоставувам дека студентите во Шлезвиг - Холштајн не уживаат ни едни од бенефициите што ги уживаат нивните студенти колеги низ цела Германија. Сакам да кажам, семестралната, студентска карта во Флензбург е најлошата карта во цела Германија. Уште еден голем минус за Флензбург.
После долгото пребарување, јавување и пишување повторно се вративме кај старецот. Старецот ни ја изнајми собата за првиот месец. Во неа живееме двајца иако киријата е многу скапа (440 евра, 220 од чоек). Цимерот е добар, ама многу лошо зборува англиски. Ама ако, се снаоѓаме некако. Добра страна е тоа што живеам веднаш до плажата и до граница. Уствари живеам толку блиску до граница, што до Данска бев со џогинг. Јако а? Знам, знам, не е јако туку е прејако! Тоа за станот. Во меѓу време една од колешките нашла стан па им требало трет цимер. Станот е гром па од другиот месец се селам во град.
Во меѓу време се обидува да го истражам Флензбург и да најдам некое скриено ќоше кое ќе биде мојот „дом“ во наредниве две години. Такви ќошиња ми беа: кафе Делириум, скриената кула под замокот и замокот во Марбург. Се надевам дека ќе го најдам. Во меѓувреме секојдневна дружба и потрага по среќа. Се надевам дека со почетокот на учебната година ќе почнат да се појавуваа млади луѓе па ќе шириме интернационални познанства, ќе водиме љубоф, ќе се дружиме. Напати Флензбург покажува искра на надеж, ама ако не, тогаш ни преостанува само да се учиме и да патуваме.

1 comment: