А ти! Ме слушаш!?
...беше последната реплика од претставата која се одржа “алтернативниот“ простор - кафе “Симбол“, тука, на Широк Сокак, во Битола. Менаџментот на кафе барот одлучил дека кафичот не мора да служи само како место каде што младите ќе се соберат, ќе испијат некој пијачка, ќе зборуваат за коли, кладилници, Пандев, шминки, џет сет и ќе потрошат некој денар од мама и тато или од тешко заработената дневница, туку еве, може просторот да се искористи и како место каде младите уметници ќе зборуваат за проблемите кои ги мачат. Онака, подлабоко. Време е да излеземе малку од секојдневната досада бе! Ете, така одлучивме ние Битолчани, ќе смениме малку! Вака не оди!
Името на претставата беше “Љубовница“, направена од неколку млади уметници. Еве, сеуште ја рекламираат на ТВ ТЕРА. А претстава како претстава, се обидува да заборува за духот на времето, да ги крши стереотипите да ги руши границите. Неколку млади луѓе (6-ца поточно) се обидуваа да заборуваат за љубовни врски, многу секс, алкохол, секојдневно преживување итн, итн. А да, и се разбира, во текот на претставата запалија неколку цигари. Типичен актерски акт. Пушење на сцена. Па нели и тоа е дел од нашето секојдневие, дел од духот на времето.
И цел овој вовед ќе беше досаден, да речеме обичен...ама тука не завршува приказната. Веднаш по завршувањето се случи некој метеж, мрачна атмосфера, нешто труло, нешто неубаво...инспектори беа во публика (или се уфрлија веднаш после претстава, не е толку битно) и со нивните остроумна проникливост и нивната административна моќ се одлучија да пишат казна на кафичот. Основ - пушење во затворен простор! Сите во бунило! Престанаа да се служат пијачки! Тоа беше и главниот аргумент на остроумните инспектори – не може да давате претстава, да пушите (ова се однесува на актерите) и во исто време да служите пијачки (ова се однесува на келнерите, публиката и актерите). Газдата веднаш почна панично да реагира, вади документи, нервозно разговара со менаџерите/келнерите, бара некого да обвини – што ви требаше сега ова! Кој ќе плаќа од 50 до 60 просечни плати казна! (член 9 од законот за Заштита од пушење). Како можевте да дозволите претстава кога во истиот овој законот за јавен простор се сметаат сите затворени и отворени простории во кои се одржуваат спортски натпревари, културни манифестации, собири и други јавни приредби (член 2). Како!? Како!?
Ете како!
Устав на Република Македонија:
Член 16.
Се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и
слободното основање на институции за јавно информирање.
Ова нема да го коментирам. Буквите се доволно големи да ги прочитате.
Постапката на Ајхмановите инспектори не знам како да ја толкувам. Да затворите некој голем медиум за вмешаност во криминал, ајде разбирливо, ама кој е вашиот аргумент за затворање/убивање на овој?! Ако мислите дека се обидувате да ме заштитите мене како граѓанин од “лошите“ пушачи, немојте, ве молам...мене многу ми е побитна слободата на говорот отколку неколку запалени цигари. Нејсе, веројатно кафичот ќе заврши на суд а актерите нема уште еднаш да се осмелат да пушат на сцена и ете, свесно или не свесно им успеа - цензурираа една претстава и убија уште еден алтернативен простор. После тоа се сомневам дека газдата и менаџментот на кафичот ќе се одлучат да го искористат просторот “алтернативно“ (да не избегаат работите од контрола) па муабетите за коли, кладилници, Пандев, шминки и џет сет не ни бегаат. Ако, тоа е здраво во ова здраво општество. Само да е површно. До тогаш и еден најмал уметнички акт, една најмала слобода но говор треба да биде САНКЦИОНИРАНА! Ајхмановите инспектори без трошка размислување треба да пишат казни и да ги убијат сите места, сите медиуми во кои младиот човек може да го каже своето мислење. Сите!
А да, продолжете, Пандев даде гол............
не сфаќам каква врска имаат цигарите со „слободата на говор“ .. нели актерите можеле да искористат и prop-цигари
ReplyDelete