Thursday, June 16, 2011

Каде се движи протестот и каде се движи општеството?


Поттикнат од случувањата во Македонија, кои постојано ги следам, и од емисијата на радио МОФ, каде за жал фатив неполни 10 минути од целата дебата, може да се забележи дека постојат несогласувања помеѓу демонстрантите па како надворешен набљудувач, со ладна глава, сакав да напишам еден пост со кој се надевам дека ќе придонесам или ќе поттикнам некоја идеја за анализа на моменталната состојба и насоката во која треба да се движи протестот.


Она што забележувам е дека најспорни точки помеѓу демонстрантите се:
1. Како да се избегнат партиските етикетирања?
2. Како да се остварат целите на движењето?
3. Зошто не, а зошто да концерт?
4. Дали во движењето треба да се приклучуваат и групи, или само индивидуи?
5. Дали во движењето треба да се приклучат политичари и јавни фаци?

Одиме по ред. Би почнал од најбитното, како “да се избегнат“ партиските етикетирања. Би започнал со ова, затоа што низ годините активизмот најмногу пати од опасноста за етикетирање што одзема многу енергија и прави расцеп по разни основи. Главното прашање е, како да се смени главниот дискурс? Мојот одговор и главен аргумент би бил, во оваа ситуација, а и во многу други, главно е да се нагласи РАЗЛИКАТА ПОМЕЃУ ДРЖАВАТА И ОПШТЕСТВОТО. Читајќи на оваа тема наидов на еден текст од познатиот автор по студии за безбедност, Ole Wæver каде во неговата книга “Securitization and Desecuritization“ (не знам адекватен превод) се обидува да ја најде границата помеѓу општество и држава во ситуации кога суверенот/владетелот и неговата позиција се загрозени. Во таква ситуација големи се шансите елитите да ги суспендираат границите, затоа што тие и нивните формални институции одлучуваат кога општеството и државата се загрозени велејќи дека – општество, па тоа сме ние. Пример: во случајот Владата вели: ние добивме мнозинство на избори, ние ја конструираме владата, ние го конструираме општеството и оттука црпиме легитимитет. Користејќи ја оваа логика секогаш дебатата се префрлува врз “институциите на системот“ (види одговор од МВР на барањето од група граѓани) или се спинува одговорност врз другиот политички ентитет кој сака да го загрози нивното суверено/владејачко право – СДСМ, и наместо институционален добиваме политички одговор. И не е само овој случај, често владата (државата) избегнува да дебатира со цивилниот сектор (општеството) кога се донесуваа било какви закони а во демократските општества “дебатата“ е најбитната точката каде државата и општеството се среќаваат и се еднакви. Тука “општеството“ го кажува својот став за актуелната состојба и дава патоказ за иднината. Со суспендирање на оваа точка, свесно или несвесно, се суспендира границата и државата доминира врз општеството не оставајќи го слободно. Како практични примери би ги земал случајот со неформално суспендирање на Економско-социјалниот совет и не консултирање на Синдикатот при донесување на нов закон за работнички права; не консултирање на НВО-ат кои се занимаваат со антидискриминација за закон кој ја третира таа проблематика, не прифаќање на барањата за реформи во полицијата и ред други примери. Ги знаете, ги има многу. Така секое барање од “општеството“ се третира како “политичко“ и како загрозување на суверенитетот на владетелот. Оттука нервоза и дополнителна безбедност/securitization со третирање на демонстрантите како загрозувачки елемент по нивната сувереност и спинување од провладините медуми за конспиративност против државата и нивно политичко боење. Затоа го добивме и тој непријателски политички одговор од државната институција - МВР, зато ги добиваме прекрасните прилози од ТВ Сител.

Како ние да бидеме релевантен општествен глас?
“Како зборува општество? Општеството е различно од државата со тоа што нема институции во формален облик. Секој може да зборува во име на општеството и да тврди дека има некој општествен проблем или дека општеството е загрозено. Под кои области таквите тврдења треба да бидат земени за сериозни?
Но општеството никогаш не зборува, тоа е таму само за да се зборува за него......Најчесто, не постојат легитимни претставници на општеството: (државата може да каже) или постои држава или не постои ништо.“ – Оле Вивер, Securitization and Desecuritization
Се разбира, ова во никој случај не значи дека групите/демонстрантите не можат да зборуваат во име на општеството. Како што кажав претходно, Владата ја суспендира границата помеѓу општеството и државата и намерно не избегнува, или во најлош случај ги суспендира дебатите помеѓу нас и неа, со изговор дека сме корумпиран, нестручни или најчесто дека сме под влијание на другата група која сака да го превеземе нивниот суверенитет на владеење - СДСМ. Оттука паролата “НИЕ НЕ СМЕ ПАРТИЈА!“ перфектно се вклопува во нивната игра и им помага во де-легитимирање на групата како општествен глас и во партиски етикетирања и дисквалификации. Она што мора да се направи е групата на демонстранти да се “легитимира“ како реален глас на моменталната општествена ситуација, при тоа давајќи и до знаење на “суверенот“ дека не се против неговиот суверенитет да владее. Ако тоа бара масовност (а очигледно демонстрантите одлучиле така извикувајќи пароли како СТАНЕТЕ ОД КАФЕ; СИМНЕТЕ СЕ ДОЛЕ; ИМАТЕ ЛИ ДЕЦА; ДОСТА БЕШЕ МОЛК итн) тогаш нека биде тоа. Затоа мислам дека “старите“ во овој случај имаат морална обврска да се појават на протестот. Не затоа што нивните деца се на улица, не затоа што тие се креатори на ова општество и на оваа општествена ситуација (активни или пасивни), туку затоа што младите ја бараат вашата поддршка! Оттука реториката во колумната на проф, Ванковска во најмала рака не е фер (со сета почит затоа што верувам дека сака да помогне). Движењето може да добие и уште поголема функција на “општество“ не само ако се приклучат старите, туку и ако ги донесат и нивните мали деца/бебиња. Тоа се случи во Египет. Одлуката да се протестира мирно е одлична. Ако може уште повеќе да се радикализира ненасилноста тоа би придонело кон намалување на стравот на “суверенот“ од тоа дека општеството ќе се сврти против него и наместо да вложуваат енергија во разбивање на протестот, се плашам и со сила, ќе бидат приморани да ги канализираат нашите барања и да го тргнат прашањето од агенда.

За нашите цели. Демонстрантите имаат две цели. Првата е формална: оставка од министерката, портпаролот и реформи во полиција; а втората неформална: промена на поданичкиот менталитет – посебно кај младите.
Во поглед на првото барање. Како движењето може да се сфати како “општествена“ а не “политичка“ сила? Би препорачал да не се влегува фронтално во дебата како да се реформираат полициските сили, туку јасно да им дадете до знаење дека тоа е нивна работа, да ја вклучат цела административна машинерија/институции и да понудат опции, кои подоцна општеството преку дебати со државата ќе одлучи која да ја прифати. Барања можат да се достават, но тие не треба да бидат концизни туку да бидат “општи“ односно да бидат еден вид на насока по која ќе можат да се движат оние кои треба да ги понудат опциите - во случајот државата/институциите. Така општеството ќе ја изврши својата функција на коректор, насочувајќи ги своите акции директно против криминалот на државата, а државата нема да се мобилизира и барањата на демонстрантите нема да може да ги сфати како фаталистичко загрозување на нивниот “суверен“. Отстапка од барањето за промена на министерката и портпаролот нема!

Втората цел, промена на менталитетот. Во поглед на ова прашање мислам дека овој протест беше прилично успешен. Еве, ако сакаме да бидеме самокритични и да не се залетуваме, тогаш барем можеме да признаеме дека сме на добар пат. Зошто го велам ова? Затоа што мислам дека секој оној кој излезе на улица да протестира ја надмина таа ментална граница/бариера после која нема враќање назад. Оној кој излезе да протестира сфати дека може да менува, дека не е сам во стравот, несигурноста или немоќноста. Кажано поетски, секој оној кој излезе на протест сега ќе биде мало жарче кое може да распламне во секој момент ;)
За концертот, сметам дека требаше да се одржи затоа што постоеше можност да се постигне spillover effect каде енергијата од гневот можеше да се префрли врз други општествени сектори. Во случајот ќе добиевме активни уметници, кои својата творечка енергија ќе ја насочеа кон случувањата. Велејќи НЕ на концертот како да се кажа НЕ на трансферирање на гневот во креативна енергија и се кажа НЕ на вклучување на уметниците со нивните идеи. Ако движењето не сака да има “лидери“ тогаш треба да се создаде простор за секој оној кој сака да се изрази – посебно ако тоа е креативно. Само со слобода на израз на различни групи, “the групата“ ќе може да си најде еквилибриум и општествен идентитет. Да не бидам сфатен погрешно, мислам дека во “the групата“ има голема слобода но може и повеќе. Како и да е, не треба да се губи надеж и ништо не е доцна.

Дали треба да се вклучат групи или само индивидуи. Во политичката теорија, политичко движење, или само движење, е група на лица кои имаат различна идеолошки гледишта но се здружуваат поради некоја заедничка цел. Откако целта ќе се оствари движењето се расформира. Во овој случај целта е расчистување на убиството и горе споменатите формални и неформални барања. Движењето треба да биде инклузивно, да вклучува и обединува во различностите, па така со реториката: “во протестот сите мора да бидеме индивидуалци“ на некој начин се униформира движењето и не се дава можност да се приклучат граѓани кои тоа сакаат да го направат како група.

Приклучување на политичарите. Секој граѓанин на РМ, кој НЕ е дел од горе споменатиот “суверен“ има морална обврска да се појави на протестот, било да е тоа: политичар лидер на партија, политичар член на владејачката партија кој не е во извршната власт, бивши затвореник, сегашен или бивши полицаец итн итн. Ако движењето успее да се наметне како “општество“ тогаш нивното присуство ќе биде незначајно. Во случај да движењето не може да се наметне како “општество“ тогаш политичарите и покрај нивната морална обврска и опасноста од злоупотреба можат да се повлечат, но никој нема право да ги избрка!

Доколку движењето се развива во оваа насока тогаш сметам дека ова може да биде пресвртена точка и чекор напред во демократизирање на македонското општество/држава!

Жалам за долгиот пост, гледав да скратам колку можам. Најбитно ми е да биде сфатена идејата за “етикетирање“, доколку не бев јасен можам да се дообјаснам, само поставете прашање долу во коментари! За крај нема да бидам скромен и ќе кажам дека малку сум разочаран бидејќи ниту во една од анализи за новите медиум не е спомнат мојот твит, кој беше првиот со хаштаг #daniel, и кој според мене ја дава насоката и иднината на протестот а тоа е: после ова – КОЈ Е ТОЛКУ ГЛУПАВ ДА НЕ ИЗЛЕЗЕ НА ПРОТЕСТ?! #daniel #martin #protestiram

Поздрав другари!

8 comments:

  1. As it happens баш го читам Вивер за испит, и ми се чини дека малку погрешно го интерпретираш концептот за секјуритизација. Но, да не испадне дека ти дебатирам за теорија. Не знам колку исфрлањето или менувањето на референцата кон Вивер, ќе ти ја смени суштината на текстот.

    Поздрав.

    ReplyDelete
  2. Да, нема. Само мал дел од теоријата на Вивер е применета во текстот...останатото е она што јас мислам. Ама бујрум, ако сакаш може да дополниш па макар и со неговара теорија.
    Поздрав.

    ReplyDelete
  3. Супер пост, браво! Што студираш, патем?

    ReplyDelete
  4. Квазиинтелектуалци, фуј.
    Од каде тоа право на една невладина да го труе општеството со нивната вистина. Па само тие грст „експерти“ имаат право на апсолутната вистина? Дај пораснете. Не ви е од бога дадено да управувате со државата. Ако сте опозиција има зошто сте. Невладин сектор, ха ха. Со чии пари е тој невладин сектор? Како тоа станува анемичен кога е другата опција на власт, а кога е опозиција од невладин станува антивладин (а константно е антидржавен)?

    ReplyDelete
  5. Paranoid android, фуј.
    А претпоставувам дека ти, човекот кој без проблем прогласува било кој за квази-интелектуалец, си всушност интелектуалец каков што би требало да се биде! ortodox-intellectual (и пошо глеам дека ограничено и буквално ги сфаќаш работите, само да ти дообјаснам: ortodox од погоре, нема врска со вероисповед, пример)

    ReplyDelete
  6. Еве ја Википедија за секјуритизација: Securitization is probably the most prominent concept of the Copenhagen School. It is argued that 'security' is a speech act with distinct consequences in the context over international politics. By talking security an actor tries to move a topic away from politics and into an area of security concerns thereby legitimating extraordinary means against the socially constructed threat. The process of securitization is intersubjective meaning that it is neither a question of an objective threat or a subjective perception of a threat. Instead securitization of a subject depends on an audience accepting the securitization speech act.

    Мислам дека сме далеку од ова. Кај нас има уште проблем да се прифати дека ова е политичко прашање.

    ReplyDelete
  7. Кирца супер ти е текстот. Вивер е тежок за аплицирање во нашиов контекст ама се слагам со паралелата, иако мислам дека кај нас се одвива процесот на едно многу пониско ниво.

    ReplyDelete
  8. Другар одлично напишано.
    Не знам колку добро го интерпретираш Вивер(не сум го читала) и во моментов воопшто не ми е битно. Битно е дека напишаното на многу јасен и аргументиран начин (или со ладна глава) ги изнесува главните спорни точки. Размислувањата ти се сосема на место.
    Голем поздрав

    ReplyDelete