Вчера, канцеларката Ангела Меркел беше во посета на Фленсбург. Беше во посета затоа што во Германија наскоро ќе има регионални избори. Фленсбург е малку поголем град од Битола а на централниот плоштад, по слободна проценка, едвај 1.000 луѓе. Да биде ситуацијата поинтересна, скоро 50% од нив или беа ‘против’ Меркел или љубопитни студенти како мене.
Поддржувачите, или останатите 50%, седеа на дрвени клупички на центарот од плоштадот - како достоинствени луѓе. За среќа немаше автобуси со на сила наполнети „фанови“ на лидерот. Немаше ни од: нападните партиски знамиња и симболи на „првите линии“, ниту луѓе со маици преплавени со емоции, ниту прегласни звукови во форма на партиски химни или народни револуционерни песни. Замислете, ниту сообраќајот во градот не беше блокиран. Јас комплетно збунет. Ама ми текна, во градот живеат и работат ЛУЃЕ!
На бината само таа, министерот за образование и економија (затоа што потекнува од овој регион) и регионалниот кандидат. Плус во ќошот еден телохранител и еден технички помошник за бината (ама не е тоа важно). Во публика само заинтересирани граѓани. На никого не му зависи животниот опстанок од тоа дали ќе присуствува и колку ќе бидеш гласен на митинг. Нејсе, митингот траеше, по слободна проценка, не повеќе од 1 час и 15 мин. Од тоа веднаш ми беше јасно дека „ЦДУ“ не размислува да премине во „движење“.
Како Македонче, она што ме фасцинира беа луѓето кои беа против и отворено ја исвиркуваа и ја „бууу-каа“ кога Меркел-ка ќе кажеше нешто со што не се согласуваат. Дел од нив беа од добро организираните „зелени“ кои носеа креативни чадори против нуклераната енергија. Дел од нив беа студенти кои не се согласуваат со политиките на министерот за образование кој скрати дел од буџетот наменет за универзитетот во Фленсбург. Имаше еден транспарент од типот: „се е лага“, друг: “Сирија заслужува повеќе внимание“ и имаше една гласна старица која од публика цело време и дофрлуваше на Меркел нешто за зголемување на социјалната помош. Меркел во еден момент им се обрати на „зелените“ во публиката велеќи дека Германија постепено ќе се ослободува од користењето на нуклеарна енергија затоа што економијата е сеуште зависна...(да не харикирам). На крајот и дадоа шест пива „Flensburger Gold“ како симбол на градот, слезе од бина, во кола и си замина. Тоа е тоа, дојде, одржа говор, си замина. И сето ова во една толерантна, пријатна и демократска атмосфера. Ех таа Германија.
Имав и шанса да се ракувам со канцеларката. Со лева рака до душа, ама нејсе. Плус воспоставив и ‘ај контакт’, ама ај сега да не се фалам :) Пред почетокот на митингот, направена мала патека за Меркел да може да се пробие до бината. Патеката беше одбележана со долку траки и да ви кажам искрено немаше некој посебен интерес од луѓето да се приближат и да се поздрават со најмоќната жена во светов. Со неколку колеги од факс си застанавме и фино, лепо, си се поздравивме. Да е жив и здрав Борјан, ми направи убава фотка. Ете, толку. Во меѓу време мене мозоков сеуште ми прави паралели со Македонија. Мојата вечна дилема, како може во Македонија да не живеат луѓе?
No comments:
Post a Comment