Економската преродба продолжува. Владата на Република Македонија реши да ги даде под концесија двете страни на камениот мост, на онаа фирма која ќе се согласи да изгради дуќани поткренати на два до три антички столба. За оваа цел ќе распише меѓународен тендер. Камениот мост на наредната седница на општината ќе биде преименуван во ’Камена улица’, а дозволите за градба веќе чекаат на одобрување.
Се претпоставува дека
оваа идеја спонтано му дошла на индискиот билионер Субрата Рој додека се шетале со
премиерот Никола Груевски и разговарале за љубовна поезија „- Те сакам. - Не, јас те сакам повеќе.“ Со овој потег,
Владата го потврдува слухот кој го има за секоја нова бизнис иницијатива и ја
зацврстува својата заложба за развој преку странски инвестиции.
Градоначалникот
Коце Трајановски целосна ја поддржа оваа идеја. Во оваа иницијатива гледа
додатно разубавување на главниот град, кој полека но сигурно прераснува во
јужно-балканска метропола. Во таа прилика тој изјави - „МПЦ ќе нема од каде да
го фрла крстот, ама еби тоа кога ти кажувам! Гледај тука галиите можат еден ден
да служат како ресторани а друг како катни гаражи. Ем кирија е паркинг. Нека се
полни градската каса! (...) Ахм, видете вака, галиите ќе ги направиме катни
гаражи / ресторани за да се зголеми комфорот на граѓаните кои би доаѓале да
купуваат во еминетните бутици. Интерес за дуќаните, овие атрактивни локации,
веќе покажаа големи имиња од модата како Долче и Армани, Габана и Версаче како и
реномираната кинеска фирма Адибас. Исто така, нашиот добро познат билионер плејбој
Орце Камчев пројави интерес за овој локалитет, ветувајќи дека набрзо Орка
холдинг ќе излезе со најновите креации на тоги и сандали од скај во сите македонски
бои.“
Бидејќи се јави
мало незадоволство кај црковните верници, за кои овој мост на водици има
огромно симболично значење (потврдено со големиот одзив на граѓаните на
македонската нација), со посредство на претседателот на републиката, Др. Џоле,
се дојде до компромисно решение. Па така крстот ќе се фрла од мостот на
уметност, за кој владата се обврзува дека во наредните 50 години нема да го
претвори во булевар. Исто така, градоначалникот на Аеродром, Ивица Коневски,
вети дека ќе донира две мали фонтани со црквички кои на ’Камената улица’ ќе прскаат
исклучиво крстена вода. Со тоа ќе се оддаде почит на сите досегашни одржани
водици и подарени телевизори.
За да ја покаже
својата љубов кон црквата и пред се традицијата, таткото на градот вети дека за
секое коледе, во студените зимски денови, поштата ќе гори наполнета со книги,
преводи, колумни, уметнички слики и мозаици од оние - другите. Тие ќе бидат потпалувани
со анализите и лажните истражувања на јавно мислење од институти кои немаат
имиња на една од восочните фигури во музејот на ВМРО. Но за тоа, потоа.
Таткото на градот дофрли и дополнителна идеја. За атмосферата да биде постојано весела додека граѓаните
уживаат во новата камена улица, советот на општината ќе ја именува секоја од палмите
на градската плажа со имиња на познати и признати автори од двата правци во класичната музика – турбофолк и фолк. Така, на градската плажа, под дуќаните на
камената улица, ќе добиеме распеани палми. Двојна среќа! Бидејќи имињата на палмите се држат во најголема тајност,
чаршијата веќе почна да шпекулира. Изворите велат дека како најчесто спомнувани
имиња се вртат: Гоце Арнаудов, Орце Стефковски, Жаре Бербер, Рубинчо Благадуша... Веројатно
за да се покаже градот како родово сензитивен, имињата на Гавазова, Андијана
Кеш и изненадувањето, познатата актерка Јелена Жугиќ се исто предмет на шпекулација.
No comments:
Post a Comment